Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска на собраниската седница бр.60 го образложи предлог Законот, со којшто на секој студент запишан во учебната 2025/2026 година, на државните или приватните универзитети, ќе му следува 250 евра ваучер за купување на електронски уреди.
„15300 денари за секој студент на сите универзитети во Република Македонија, без разлика дали станува збор за редовни или вонредни студенти, на приватни или државни факултети, важно е да се државјани на Република Македонија запишани во академската 2025/26 година. Оваа мерка со која се овозможува еднаква шанса за студирање за сите студенти, особено во делот на дигитализацијата, затоа што ценам дека секој млад човек треба да рамо до рамо со врсниците од земјите членки на ЕУ“, истакна Бојковска.
Таа додаде дека оваа мерка ќе опфати над 55 илјади студенти, со што се помага и на оние кои не се во можност да си дозволат купување на електронски уред.
„Оваа мерка ќе опфати над 55 илјади студенти, 55 илјади електронски парчиња коишто ќе бидат наменети точно за студентите. Тука е многу важен моментот што всушност помагаме и на семејствата оние коишто имаат студенти, без разлика дали се 1,2 или 3 студенти, секој студент ќе има можност да добие еднаква шанса со што всушност доколку во семејството има двајца студенти, се помага со вкупно 500 евра’’, појасни Бојковска.