04.07.2025

Кузмановска:  Овој ребаланс не е само буџетски документ, тој е патоказ како државата гради доверба, одговорност и резултати

Биљана Кузмановска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа на Комисијата за финансирање на буџет истакна дека наместо кратење со ребалансот има зголемување на финансиските средства, за пензии, плати, инвестиции.

,,Денес не расправаме за бројки расправаме за вредности, за приоритети за визија како се гради држава а уште поважно како се гради доверба. Ребалансот на Буџетот за 2025 година не е техничка корекција тој е јасен показател дека владата има јасна стратегија со поставени приоритети и политичка волја да ги спроведе. Оваа Влада знае што е важно и знае да испорача резултати“ потенцира Кузмановска и додаде:

„Ова е ребаланс кој по долго време не е реакција на криза туку резултат на зголемена наплата, подобра фискална дисциплина и одговорно управување. Немаме дефицит што не тера да кратиме туку имаме резултати што ни овозможуваат да инвестираме. Ова е ребаланс на стабилност развој и грижа за граѓаните“ рече Кузмановска.

Кузмановска нагласи дека вкупните приходи растат за 8,6 проценти во однос на минатата година а тоа значи дека економијата живее.

„Кога вкупните приходи растат за 8,6 проценти во однос на минатата година тоа значи дека економијата живее. Стопанството и граѓаните имаат доверба во институциите. Се зголемува наплатата на даноци. Зголемување од 800 милиони денари за плати, зголемување од 2,5 милијарди денари за пензии, дополнителни 300 милиони денари за капитални инвестиции. Развојните програми по речиси сите ресори покажуваат континуирана логика. Во здравството зголемување од 237 денари за опрема и дигитализација“ потенцира Кузмановска.

Кузмановска истакна дека наместо кратење сега имаме зголемување на средства.

„Во образованието 323 милиони денари повеќе за кампуси, студентски домови, опрема и модерни училишта. Тоа е вложување во иднината, во квалитетот, во младите. Во социјалната заштита 460 милиони денари повеќе за деинституционализација, детски градинки, социјални центри. Тоа значи грижата станува реална, достапна и блиска. Во културата и спортот зголемување за програми кои директно влијаат врз младите, врз локалната заедница и врз развојот на креативните индустрии. Во енергетиката и животната средина 180 милиони денари повеќе за гасификација, фотоволтаици, депонии. Не ветуваме зелени агенди, ги реализираме“ истакна Кузмановска и додаде:

„Нема да се откажеме од капиталните инвестиции, туку ќе ги зголемиме. Ќе ги видиме и во Прилеп, и во Ресен, и во Гевгелија, и во Скопје. Овој ребаланс не е само буџетски документ, тој е патоказ како државата гради доверба, одговорност и резултати“ заклучи Кузмановска.