„Кога зборуваме за морал и одговорност не можеме да останеме неми пред сериозните информации кои во изминатиот период излегоа во јавноста, а кои директно ја засегаат довербата на граѓаните. Според објавени наводи и документи изминатиот период кои се појавија во медиумите, извештаи во периодот кога Љупчо Николовски ја извршувал функцијата министер за земјоделство, со негов потпис се поврзува постапка за доделување на земјиште во подрачјето на Град Скопје или Општина Бутел од 1564м2 градежно земјиште. Замислете се посочува дека станува збор за градежно земјиште во градежен реон, а е заведено како земјоделско земјиште. Ова земјиште е дадено под закуп од 70 години за лешников насад, градежно земјиште за лешници. Ова не се мали административни недоречености, ова се сериозни прашања кои отвораат сомнежи за злоупотреби, нетранспарентно постапување и потенцијално фаворизирање при управување со државен имот“, истакна Мартин Стојановски пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Стојановски посочи дека во периодот 2021-2022 година во Агенцијата за катастар биле евидентирани 20 фалсификувани договори за земјоделско земјиште.
„Дополнителна загриженост предизвикува и фактот што во текот на 2021 и 2022 година во Агенцијата за катастар биле евидентирани околу 20 фалсификувани договори за државно земјоделско земјиште. За овие случаи се поднесени пријави до Министерството за внатрешни работи, особено загрижува што за дел од тие договори Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство никогаш немало објавено оглас, односно договорите биле склучувани повикувајќи се на поништен јавен повик при што отвара сомнеж дека од странките биле земени одредени парични надоместоци. Прашањето кое мора јавно да се постави е како е можно земјоделско земјиште со висока урбана вредност да биде третирана на начин што отвора простор за сомнеж или дадено како земјоделско земјиште за лешников насад? Кој ја носи оваа одговорност за тој период“, праша Стојановски.








