25.06.2026

Петкоска: Владините мерки за авиосообраќајот и туризмот носат нови авиолинии и зголемен туристички раст

Лидија Петкоска пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница за пратенички прашања во Собранието, постави три прашања од кои едниот го постави до вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, а другите две до министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Петкоска на самиот почеток истакна дека Владата ги реализирала најавените мерки за развој на авиосообраќајот и туризмот, преку нови авиолинии и зголемени субвенции за авиопревозниците, што придонесува Македонија да стане попривлечна туристичка дестинација.

„Она што го ветивте на крајот на месец август 2024 година денес е реалност, ги сменивте условите и критериумите за субвенционирање на авиопревозниците, го зголемивте износот на субвенции и веќе имаме нови дестинации, а Македонија конечно станува препознатлива како атрактивна туристичка дестинација во светот. Ваквиот начин на работа значи можност за туристички развој, посебно во нашиот Охрид, нов инпут за развој на авиосообраќајот. Секој пат што се гради, секој локален проект што се финансира, секоја подобрена инфраструктурна точка директно го зголемува туристичкиот потенцијал, бидејќи за развиен туризам можеме да говориме единствено кога имаме развиена инфраструктура. Со бројните нови авиолинии, Македонија се отвори кон нови пазари и го интензивираше приливот на туристи. Со еден збор, Владата предводена од премиерот Мицкоски успеа да го насочи туризмот кон динамика што не сме ја виделе со години. Сето ова покажува дека Владата стратешки го гледа туризмот како еден од двигателите на економијата. Кои се стратешките цели во делот на интегрирање на инфраструктурните инвестиции, новите авиолинии и туристичката промоција во единствена политика за развој на туризмот и какви ефекти очекувате врз бројот на туристи, должината на нивниот престој и приходите од туризмот?“, праша Петкоска.

Второто пратеничко прашање се однесуваше на тоа како Министерството за култура и туризам планира да го искористи растот од 6,9 проценти кај странските туристи во првиот квартал од 2026 година за дополнително позиционирање на Македонија како конкурентна туристичка дестинација на европскиот пазар.

„Фактот што Министерството за култура и туризам веќе работи на подготовка на националната стратегија за развој на туризмот со процес во кој се вклучени академската заедница, приватниот сектор, Светска банка и меѓународни партнери. Тоа е пристап кој е во согласност со препораките на Светската туристичка организација според кои одржливиот туристички развој мора да биде резултат на партнерство помеѓу институциите, науката и бизнисот. Македонија има сериозни предности, меѓутоа останува предизвикот како овие потенцијали да се претворат во конкурентен туристички производ кој ќе генерира додадена вредност. Во таа насока моето второ пратеничко прашање гласи како Министерството за култура и туризам планира да го искористи растот од 6,9% кај странските туристи во првиот квартал од 2026 година за дополнително позиционирање на Македонија како конкурентна туристичка дестинација на европскиот пазар?“ рече Петкоска и додаде:

„Во подготовката на националната стратегија за развој на туризмот 2027-2031 се вклучени академската заедница, приватниот сектор, Светска банка и меѓународни партнери. Може ли да ни наведете кои се клучните реформски приоритети што Министерството ги поставува во делот на руралниот и планинскиот туризам?“ праша Петкоска.