03.10.2024

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите

На денешната собраниска комисија за политички систем, пратеникот Бране Петрушевски, се осврна на состојбата во судството. За истото има низа на забелешки во извештајот на Европската Комисија за 2023 кој го разгледуваат пратениците.

Петрушевски посочи дека, проблемот е во тоа што криминалците и високите функционери кои злоупотребуваат државни пари не се соочуваат со правдата.

Според него ,,Наместо да се казнат за своите дела, тие често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите. Од друга страна, обичните граѓани се осудуваат за бенигни прекршоци. Оваа нееднаквост е срам за правосудниот систем на Република Македонија“.

Пратеникот Петрушевски се осврна на својот предмет, односно што беше осуден за клевета од судијата Неџат Мемети во Основниот суд во Куманово, ја отсликува оваа неправда.

 ,,Пресудата, која е базирана на неважечки закони, ја покажува врската помеѓу судството и власта. Судот го игнорира уставниот член кој го штити пратеничкиот имунитет за изјави дадени од собраниската говорница, како и пресудите на Европскиот суд за човекови права, кои ја потврдуваат апсолутната заштита на пратениците од граѓанска одговорност за изјави во парламентот. Судијата во целата пресуда цитира одредби од закон за граѓанска одговорност кои што не постојат, законот изменет во 2022 година објавен во службен весник број 251 на 22 ноември 2022 година гласан од моја страна од ова собрание меѓутоа овој судија цитира одредби од неважечкиот претходен закон’’,  рече Петрушевски.

Според Петрушевски, ова е само еден пример за системските пропусти во правосудството.

,,Наместо да ги штити интересите на граѓаните и да обезбеди праведност, судскиот систем честопати станува инструмент на политички интереси и злоупотреба на власта. Доколку ситуацијата не се подобри, граѓаните ќе продолжат да губат доверба во институциите кои треба да ја гарантираат правдата“, вели Петрушевски.