02.03.2023

Петрушевска: Оваа Влада која што ветуваше живот, не само што не донесе живот туку и го одзема лебот од трпезата на граѓаните

Пратеничката Марија Петрушевска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница нагласи дека  дебата нема во изминатите три недели воопшто од страна на владејачкото мнозинство и премиерот, но за жал дебата немало и во последните шест години.

„Оваа Влада која што ветуваше живот, не само што не донесе живот туку и го одзема лебот од трпезата на граѓаните. Затоа јас не очекувам ништо поразлично или пак подобро во наредниот период во максимум од 10 месеци. Владата ја заборави нејзината уставна обврска дека треба да се грижи за благосостојбата на граѓаните на Република Македонија. Но, за оваа негрижа и за овој колапс кој што се случува, впрочем пустош во секој сектор во Република Македонија многу бргу од сега ќе стигне санкцијата и тоа токму од граѓаните“, истакна Петрушевска.

Таа посочи дека експозето на Ковачевски е со празни флоскули, таму ништо не говори за министрите и заменици министри. 

„Јас премиерот еве како економист би го прашала дали 65,64 или 62 е поголемо. Би требало барем да им укаже на оние кои што му ги пишуваат говорите во неговиот кабинет дека за 26.000 евра за 100 дена можеле да напишат многу поквалитетен и многу подобар говор. Вообичаено премиерите имаат улога да испратат порака на грижа, порака на солидарност и дека се грижат за она што се случува во државата и да понудат решенија.  Ние во ова експозе не наоѓаме ништо освен повторно се сѐ сокрива под мотото, максима на оваа Влада – во име, и во светло на европската интеграција. Меѓутоа повторно ќе кажам дека вакви Европјани не сретнало европското семејство“, укажа Петрушевска.