20.02.2023

Коцевски: Владата на Ахмети, Груби и Ковачевски има замислено дека државата е нивна приватна фирма за продажба на струја и баждарење

„Оваа Влада на Ахмети, Груби и Ковачевски си замислиле дека е оваа држава е нивна приватна фирма за продажба на струја и баждарење па затоа името кое го доби оваа Влада е „Пазар 3“ коалиција каде основата е политичката проституција. На таков начин не се води сметка за институциите и за министерствата. Таков пример е културата во Македонија каде системски се руши се што е македонско во културата и се нема пари за се што е македонско во културата или тоа се смешна сума на пари наменети за македонската култура“, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Коцевски на денешната собраниска седница.

Тој додаде дека министерството надлежно за дигитализацијата на јавниот сектор не е ни самото дигитализирано.

„Оваа Влада не успеа да направи ни нацрт верзија на законот за организација и работа на органите на државната управа. Има 100 објави за реорганизација на органите на државната управа уште од 2017-та година. Денес сме 2023-та година а Владата нема мрднато ниту чекор, напротив бројот на институции се зголеми за 50 за 5 години. Никаква измена на законот за административни службеници и законот за вработени во јавниот сектор како и на закон за висока раководна служба кој исто се најавува од 2017-та година, а ни чекор не е мрднато“, вели Коцевски.

„Бројот на вработени во јавниот сектор се зголемува наместо да се намалува, зголемен е за 4,000 во последните 5 години. Посебно многу е зголемен бројот на вработени на определено време. Европската комисија забележува во својот извештај дека бројот на електронски услуги останува многу скромен. Користењето на електронски услуги е катастрофален, а клучни институции како управата за водење на матични книги се уште не се дигитализирани и граѓаните добиваат грешни изводи и документи. Платите на вработените од 2015-та година се исти и ниту една политика за задржување на квалитетниот кадар. Непочитување на  колективниот договор на кое самото министерство е потписник, незаконско менување на балансерот спротивно на ставовите на ДЗС и други институции“, рече Коцевски.