Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Здравковски на денешната собраниска комисија за финансирање и буџет на која се разгледува ревизорскиот извештај за работата на Клиниката на онкологија рече дека според извештајот Клиниката за онкологија набавувала биолошка терапија на реверс, што според него е злоупотреба на јавните набавки.
Набавиле биолошката терапија во износ од околу 649 милиони денари во период од месец 04 до месец 12 2021 година, е евидентиран на крајот на годината од причина што лековите се набавувани на реверс и за истите не била формирана цена. Значи повторно злоупотреба, повторно договори во четири очи. Во сите извештаи од релевантните фактори и од ЕУ и од комисијата, па дури и од Државниот завод за ревизија гледаме дека оценката за Македонија тоне надолу во континуитет. И тука како главни причинители покрај корупцијата и криминалот кој поминува неказнет, гледаме дека се и јавните набавки. Сега гледам без јавни набавки се трошат енормни средства, а ефектот кој е, вели Здравковски.
Здравковски посочи дека и покрај тоа што институцијата имала КАТО систем за да нема злоупотреба при одредување на терапијата, истиот не бил во функција.КАТО системот е набавен за да немаме контакт на лица кои што ја одредуваа терапијата. КАТО системот е дозер на различни компоненти кои што треба да дадат една биолошка терапија, а не се користи. Зошто не се користи? Затоа што ако се користи ќе нема можност за злоупотреба, изјави тој.
Здравковски укажа дека Јавниот обвинител треба веднаш да интервенира, додавајќи дека поради ваквото не постапување од негова страна е ниска довербата на граѓаните во правосудните органи.