24.10.2026

Кирков: Филипче и Горан Бетон Герасимовски, каде се паркинзите и зеленилото во Буњаковец?

Почитувани жители на Центар,  

Почитувани претставници на медиумите,

Денес се наоѓаме во населбата Буњаковец, на улицата „29 Ноември“, денес позната како „Костурски херои“, каде што повторно се отвораат сериозни прашања за урбаното уредување и квалитетот на животот на граѓаните.

Според информациите за овој објект, не е предвиден соодветен паркинг-простор, се сечат дрвја, а тротоарот е зафатен со градежни активности. Ова е особено загрижувачко во населба како Буњаковец, каде што паркирањето и движењето на пешаците и онака претставуваат сериозен проблем.

Господине Горан Герасимовски, како е можно да се планираат и реализираат вакви проекти без јасни одговори за паркирањето, зеленилото и безбедното движење на пешаците? Кој ги штити интересите на жителите на Буњаковец?

Господине Венко Филипче, заедно со вашиот градоначалник дојдете на терен и погледнете со какви проблеми се соочуваат граѓаните. Во кампањите се ветуваа хумано уредени населби, повеќе зеленило и подобри услови за живот, но граѓаните имаат право да прашаат дали тие ветувања се преточени во конкретни резултати.

Не е доволно само да се зборува за модерен и уреден Центар. Потребно е да се обезбедат услови во кои граѓаните ќе можат нормално да живеат, да паркираат, безбедно да се движат по тротоарите и да имаат пристап до зелени површини.

Затоа бараме Општина Центар јавно да ги разјасни условите под кои се одвива изградбата на оваа локација, дали се почитуваат одобрените планови и како ќе се заштитат пешачкиот простор и зеленилото.

Граѓаните на Буњаковец заслужуваат конкретни решенија, а не само предизборни ветувања. Центар треба да се развива во интерес на луѓето што живеат во него!