Почитувани граѓани на Богданци,
Во третиот мандат на актуелниот градоначалник, сме исправени пред едно едноставно прашање: Што доби Богданци за овие три мандати? Овој прес требаше да биде посветен на проекти од изборната програма. Но, постои еден проблем – актуелниот градоначалник немаше официјална изборна програма со јасно дефинирани проекти, рокови и обврски кон граѓаните.
Затоа денес ќе зборуваме за реалните проблеми на богданчани. Прво и основно –општина Богданци нема современа и ажурирана урбанистичка документација која ќе одговори на реалните развојни потреби на општината. Нема нови станбени зони, нема доволно простор за бизнис, нема јасна визија каде Богданци треба да се развива во следните 10, 20 или 30 години.
Резултатот е очигледен. Луѓето се иселуваат. Само во соседните општини, според податоците со кои располагаме, во последните десет години се склучени најмалку 150 купопродажни договори за станбено домување поврзани со жители од Богданци. Тоа не е само статистика. Тоа се семејства кои наместо да создаваат дом во Богданци, својот живот го продолжуваат на друго место.
Во последните десет години, не е издадено одобрение за градење за сериозна нова бизнис-инвестиција. И додека другите општини се борат за секое ново работно место, кај нас имотите стануваат сè помалку атрактивни, а со тоа се намалува и нивната пазарна вредност.
Друг проблем е бавното згаснување на средното образование. Средното општинско училиште се соочува со намален број запишани ученици. Се губи гимназиското образование, а се намалува и бројот на стручни насоки. Ако не создадеме услови младите да останат во Богданци, кој ќе остане да живее и работи овде?
Трето, најголемото основно училиште во општината две години беше затворено поради дефектна реконструкцијата на кровот со претовар. И денес јавноста заслужува јасен одговор: Кој е одговорен за пропустите, колку чинеше тоа и дали објектот денес е целосно безбеден и функционален? А паралелно со сето ова, гледаме и нешто што е апсурдно.
Со кредит изградените улици, се прекопани за поставување на водоводна мрежа – повторно со кредитни средства. Тоа не е долгорочно планирање. Тоа е плаќање двапати за иста инфраструктура. И тука доаѓаме до останати нефункционални проекти. Колекторскиот систем во Стојаково, водоснабдувањето во Стојаково и Селемли, 900 сообраќајни знаци, скапи фонтани кои понираат, гумени игралишта кои не го издржаа ниту првиот ветар, пешачки патеки за кои граѓаните речиси и не знаат дека постојат.
Сето тоа се средства на граѓаните. И додека се трошат средства на вакви проекти, Јавното комунално претпријатие во последните шест години е во загуба од над 200.000 евра. Тоа не е само бројка во финансискиот извештај. Тоа е сигнал дека со комуналното претпријатие мора сериозно да се управува. Граѓаните плаќаат сметки и даноци и имаат право да знаат каде завршува секој денар.
И на крајот, да бидеме јасни: Капиталните проекти што навистина се реализираат во Богданци во голем дел доаѓаат преку централната власт. Но и нивната реализација често се одолговлекува поради бавноста на локалната администрација. Затоа денес бараме план, бараме услови за инвестиции, бараме политики против иселувањето, бараме функционална инфраструктура, бараме одговорно управување со Јавните институции.
Бараме отчет за секој реализиран и нереализиран проект. Општина Богданци не може десет години да стои во место. Граѓаните не бараат чуда. Бараат општина во која можат да градат дом, да започнат бизнис, да најдат работа и да го планираат својот живот. Тоа е минимумот што општина Богданци го заслужува.








