15.11.2022

Јакимовска Панчевска: Власта и градоначалникот ја доведоа Општината да бара начини за да обезбеди плата на наставниците од 10 основни училишта во општина Карпош

Почитувани,

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денес поднесе претставка до Државниот инспекторат за локалната самоуправа во која укажуваме на грубото кршење и непочитување на законските прописи. Со оваа претставка бараме да се изврши Вонреден инспекциски надзор со кој би се утврдила законитоста на денешната Вонредна седница на Советот на Општина Карпош, и тоа со единствена точка на Дневен ред – Измени и дополнувања на буџетот на општина Карпош за 2022 година.

Централната власт, предводена од СДС и ДУИ, издава усни наредби да се одржи итна вонредна седница на Општина Карпош со точка на дневен ред  ребаланс на Буџет на општината, за да се обезбедат плати за наставниците во основните училишта на територијата на Карпош.

Бидејќи денес истекува законскиот рок за ребаланс на буџетот, власта и градоначалникот ја доведоа Општината да бара начини за да обезбеди плата на наставниците во 10 основни училишта во Општина Карпош, а парите да бидат обезбедени со намалување на ставки во буџетот кои вака намалени директно ќе го загрозат процесот на образованието во самите училишта.

Благодарение на негрижата, јавашлукот, неорганизираноста и незаконското работење на власта и градоначалникот, кој пак чекаше Владата да ги исплати законски предвидените блок дотации за плати на наставниците, истиот тој градоначалник ја доведе општинската администрација во непријатна ситуација, итно да прави ребаланс и да ги бара советниците за Вонредна седница, работа која што е тековна и никако не може да биде итна или вонредна.

Немаше сведителства, нема учебници, ќе го снема ли и покачувањето или, не дај Боже, и платите за наставниците?

Бараме инспекторатот итно да постапи по нашата претставка и да ја утврди законитоста и одговорноста за денешната Вонредна седница.