24.11.2022

ЦК на ВМРО-ДПМНЕ со две барања: Организирање на предвремени парламентарни избори и итно усвојување на нашите предлози за закрепнување на економијата


Почитувани,

Денес се одржа седница на Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ овде во Прилеп на кои се разговараше за тешката економска и политичка состојба.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека оваа влада ја донесе државата во девастирачка состојба каде најглавните проблеми на граѓаните се инфлацијата, растечката сиромаштија, скапата струја, ниските плати и лошиот стандард.

Не помалку сложена е ситуацијата и на политички план. Владата создавајќи го проблемот со Бугарија државата ја втурна во ќорсокак без надеж за напредок во евроинтеграциите.

Нема интеграција, но има условувања и откажувања од идентитетот кои се туркаат на мала врата.

Токму поради сето ова Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ усвои две главни барања како одговор на политичката и економската криза.

Првото е организирање на предвремени парламентарни избори најдоцна до пролет 2023та година како единствен излез од економската и политичка криза, и поддршка на Централниот Комитет на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во ставот за неприфаќање на промена на Уставот под диктат на Бугарија.

Второто барање се итно усвојување на нашите предлози кои се однесуваат за закрепнување на економијата, стандардот и општественото живеење, а чии предлози се наоѓаат во собрание во форма на предложени амандмански решенија за новиот буџет. Овој пакет од над 10 мерки значи интервентна поддршка на економијата

Бараме:

1.Одложување на зголемување на даноците преку одложување на предвиденото прогресивно оданочување кое треба да започне од 01.01.23та година.

2.Спречување на зголемување на цената на струјата за домаќинствата и бизнисот преку одложување на предвиденото зголемување на ДДВ за струја од 05 на 10%.

3.Воведување на викенд без ДДВ до крај на кризната состојба

4.Поддршка на домашните компании преку намалување на акцизата за течни горива.

5.Парична помош на ученици од основно и средно образование од семејствата со месечни примања помали од просечна плата.

6.Субвенции за зголемување на висината на студентскиот оброк од 120 на 160 денари.

7.Реконструкција на студентските домови.

8.Набавка на нова медицинска опрема за јавните здравствени установи.

9.Зголемување на буџетот за набавка на инсулин.

10.Зголемена капитација на бодовите за матични лекари, стоматолози и гинеколози.

Сосема е јасно дека со оваа влада Македонија тоне.

Потребни се промени кои ќе обезбедат иднина.

Бараме сериозен пристап и сериозен одговор од власта.