22.10.2022

Муцунски:Во Аеродром се отвора нова детска градинка „Црвенкапа“, до крајот на мандатот ќе се започне и со изградба на уште 3 нови детски градинки

Денес заедно со претседателот Мицкоски, претседателот на Советот, Митевски, пратеникот Стојановски, членови на Советот сме на увид всушност на еден завршен проект, тоа е градинката „Црвенкапа“. Се работи за еден објект кој што на свој начин има континуитет од две претходни општински администрации, проектирање, планирање и така натаму, но тоа што нас не радува е што во нашиот мандат успеавме да го финансираме, да го завршиме овој проект, вредноста е некаде околу 89 милиони денари, градинка со капацитет од 200 дечиња, почеток на решавање на еден од најгорливите проблеми на територија на општина Аеродром, а тоа е недостатокот на места за деца во градинка.
Во делот на внатрешното уредување на објектот, тоа што посебно не радува е што за прв пат објект на една градинка во Македонија е уредена со еден македонски бренд, тука ни се „Биби и Боби“, кој што дадоа една поголема донација која што ќе ја презентираме во следниот период за оваа градинка и едно партнерство кое што сакаме да го направиме со тој бренд кој што е позитивен кај младите дечиња, многу го сакаат и сметаме дека ќе ги разубавува сите други нови градинки кои што ќе ги работиме во Аеродром.
Кога е во прашање ова горливо прашање како што спомнав, сакам да најавам и што ни се плановите за следната година.
Нашата цел е во 2023 година да се почне на територија на општина Аеродром со изградба на дополнителни 3 нови градинки, локациите се утврдени, имотно-правно разрешуваме одредени предизвици кои што постојат поврзани со земјиштето, проектираме и во 2023 година веќе планираме да почнеме со изградба на тие 3 нови дополнителни објекти. До крајот на мандатот до 2025 година практично да нема дете на територија на општина Аеродром кое што ќе чека за место во градинки. Има и многу други проекти кои што ги планираме во делот на образованието, нови училишта, подобрување на инфраструктура, но бидејќи денес сме тука кај градинка да најавиме што ни се приоритети веќе за следната буџетска година. Тоа што не радува е што конечно после подолго чекање ги добивме и согласностите од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии за вработување во оваа градинка „Црвенкапа“ која што се наоѓа позади мене и очекуваме некаде најдоцна до крајот на месец ноември истата да биде функционална и во таа насока ние работиме посветено на реализација на сите овие капитални инвестиции, иако како локална власт навистина се соочуваме со огромен број на предизвици. Јас постојано го нагласувам тоа како пример дека општина Аеродром заради растот на цената на електричната енергија оваа буџетска година потроши дополнително 1.5 милиони евра за сметки за електрична енергија, ние преземавме сериозни мерки за штедење, работиме на рационализација на трошоците, ги намаливме непродуктивните трошоци на 0, работиме на инвестиции во делот на енергетската ефикасност, но како општини сме сериозно погодени, но и покрај сите предизвици тоа што ние го гарантираме е дека до крајот на нашиот мандат ќе ги реализираме сите наши програмски заложби од локалните избори кои што се случија пред една година.