03.10.2023

Мицкоски: Како идна Влада од централниот буџет ќе реалоцираме по 8 милиони евра годишно за капитални проекти во општина Охрид

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Охрид на средба со граѓаните во Пештани во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“ истакна дека со доаѓањето на власт, свесни за акутната актуелна состојба во која што се наоѓа Македонија, сакаме да го завршиме она што е отпочната од страна на локалната власт под водство на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и каде што акутно е потребана поддршката од страна на владата. 

Мицкоски посочи дека како централна власт ќе отпочнат еден проект кој што за прв пат во Македонија ќе се отпочне, а тоа е од централниот буџет да реалоцираат средства кој што ќе значат поддршка за општините во реализација на капитални проекти. 

„Под капитални проекти подразбираме проекти кои што се дел од обезбедување на нова водоводна мрежа, примарна и секундарна, канализациона мрежа заедно со пречистителни станици, потоа асфалт, нови патишта. Онаму каде што има потреба, нови спортски објекти, нови училишта, нови градинки. Сето она кое што во овој момент, поради ограничените можности, општините не можат да го направат. И планираме да реалоцираме повеќе од 250 милиони евра кон општините“, рече Мицкоски.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде влада која што се однесува како што се однесува оваа влада на ДУИ и СДСМ, репресивно со притисок, со закани со одземање на ингеренции на општините каде што имаме градоначалници кој што се од редот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, туку ќе бидеме влада која што ќе се однесува фер и чесно кон сите граѓани на целата територија на Македонија, без разлика дали во таа општина имаме градоначалник кој што доаѓа од редот на ВМРО-ДПМНЕ или доаѓа од други партии.

И за реализација на оваа цел, за Општина Охрид годишно ќе се издвојуваат околу осум милиони евра или пак за еден четири годишен мандат над 30 милиони евра, со кои ќе се реализираат капитални проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живот на локалното население, но ќе створат и услови за да се развива и туризмот.

„За таа цел планираме овде, токму во Општина Охрид, надвор од општинскиот буџет да реалоцираме за проекти до осум милиони евра годишно или за еден четири годишен мандат помеѓу 30 и 32 милиони евра. Тоа е сума која што до сега вкупно не е вложена во општина Охрид од страна на централната влада и цениме дека на тој начин условите за живот во општина Охрид, условите за туризмот да се развива ќе бидат подобри, а со поголем туризам, поактивен туризам тоа значи додадена вредност и за економијата на државата, тоа значи додадена вредност и за локалното население“, посочи Мицкоски.