Јасна е победата и тука не треба да има никој дилема дека на следните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ победува. На нас ни е важно да имаме акламативна поддршка од граѓаните ширум Македонија за таа победа да биде голема. И зошто е важно таа победа да биде голема? Зошто на тој начин сите реформи и сите политики кои што денеска ги зборуваме ширум Македонија да ги испорачаме, за да не бидеме предизвикани да бидеме предмет на договарање, преговори и отстапки. Затоа е многу важно сите ние да се обединиме околу главниот столб кој што е заштита на македонската држава, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, порача денеска од Велес во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред граѓаните.
Мицкоски потенцираше дека изминатите 6 години зависеле од владата на СДСМ и ДУИ, меѓутоа за следните 4 години и потоа зависат само од граѓаните, посочувајќи дека никој до сега не успеал да го победи народот.
Морам да напоменам дека изминатите 6 години зависеа од нив. Но, следните 4 години, и следните 4, и следните 4 зависат од вас. Тие ќе се обидат да ве обесхрабрат, ќе доаѓаат и ќе ви велат дека сите се исти и дека ништо не зависи од вас, туку дека некој така рекол и дека така треба да биде. Но јас ви велам, никој не успеал народ да победи и дека народот е суверен во Македонија, истакна Мицкоски.Мицкоски повика на обединување и поддршка од граѓаните во Велес, укажувајќи дека важно е да се зачува државата, а потоа и да се реализира програмата на ВМРО-ДПМНЕ која ветува многу проекти.
Мојата порака до секој овде во Велес е да се обединиме. Овој пат опцијата е или Македонија или ја нема Македонија. Улици ќе се направат, булевари ќе се изградат, но држава така лесно нема да се направи. Затоа ни е многу важна поддршката за да можеме да ја заштитиме и сочуваме државата, а потоа преку реализација на програмата да изградиме и улици, булевари, канализации, нови училишта, нови градинки и многу проекти кои што СДСМ не може да ги помисли, а камоли пак да ги изгради, изјави тој.
Јас сум убеден дека можеме сите ние да ја препознаеме разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и сите останати. Затоа е многу важно на следните избори да се обединиме околу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и да постигнеме историски резултат, заклучи претседателот Мицкоски.