13.03.2025

Кирков: ЈП Комунална Хигиена не е способна да менаџира со постоечките вработени, а камо ли да вработува нови, градот е нечист и претворен во депонија

„Уште едно рак-рана претпријатие на Град Скопје во последниве неколку години е ЈП Комунална Хигиена. Збориме за Скопје, главниот град на Македонија, градот на културата, метропола, модерно Скопје како што градоначалничката сакаше да ни го презентира и сè уште за жал тоа го говори. Но, меѓутоа во последниве три години ние во Скопје гледаме дека е депонија. Скопје е нечисто, гледаме смет насекаде и даваме само еден лош пример и за туризмот и за ние кои живееме во главниот град буквално сме сведоци дека се гушиме во смет“, истакна советникот во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Кирков на денешната седница на советот на Град Скопје.

Кирков потенцираше дека ЈП Комунална Хигиена сè уште до ден денес го следат низа на афери.

„Додека јавното претпријатие во кое во последниве 3 години чинам дека се сменија шест или седум директори, веќе не можеме ни крајот да им го најдеме од „доброто“ менаџирање на градоначалничката Арсовска, сè уште ова претпријатие до ден денес го следат низа афери. Само ќе напоменам неколку од нив, афери со вработени кои се на платен список, а не доаѓаат на работа, афери со нередовно исплаќање на плати, афери со немање на возен парк, резервни делови за камионите и слично. Сега се соочуваме да ова јавно претпријатие бара 116 нови вработувања, а не добивме ни одговор на прашањето колку вработувања има и по договор на дело во последниве неколку месеци“, вели Кирков.
Кирков истакна дека вработените во ЈП Комунална Хигиена според нивното кажување се подлежни на тортура.

„Па оттука сакам да ве известам вас советниците дека јас како советник, во последниов период сум на отворени средби со сите граѓани и во нашата канцеларија се обратиле десетина вработени од ова јавни претпријатие од каде разговаравме, ни се пожалија, ги сумиравме впечатоците дека навистина овие вработени кои се таму подлежат на една тортура, тотална неорганизираност, и затоа последиците во Скопје се вакви какви што ги гледаме. Крив е менаџментот и директорите според мене и градоначалничката која не знае до ден денес да одбере соодветен кадар за ова јавно претпријатие“, укажа Кирков.

Кирков посочи дека ЈП Комунална Хигиена не е способна да менаџира со постоечките вработени, а камо ли да вработува нови.

„Од друга страна се бара 116 нови вработувања, 33 административни работници, 75 луѓе даватели на услуги и 8 помошни технички лица, па оттука јас како советник и како човек кој во последниве неколку месеци интензивно разговарам и со скопјани и со вработени во сите јавни претпријатија можам само да заклучам дека темна е приказната со хигиената во нашиот град во последниве три години и со менаџментот. Се испоставува дека и овие работници кои ги има ЈП Комунална Хигиена не може соодветно да ги менаџира, а камо ли да вработи нови и според мене и многумина под сомнителни околности“, вели Кирков.

Кирков продолжи и додаде:

„Затоа за ова јавно претпријатие сметам дека за 6 месеци од сега ќе добие нов менаџмент кое претходно ова јавно претпријатие ќе добие целосна ревизија за досегашното работење од државните институции. За 6 месеци ова јавно претпријатие ќе го следи менаџмент и ќе добие менаџмент како што заслужува и кое ќе знае правилно да ги постави работите и да го исчисти Скопје од оваа слика во која во моментов се наоѓа нашиот град. Затоа сметам дека овој менаџмент на комунална хигиена не заслужува во моментов да добие нови вработувања, затоа јас како советник предлагам сите советници да не им го дозволиме ова затоа што комунална хигиена за многу кратко време ќе ја чекаат многу посветли денови, а и за Скопје“, заклучи Кирков