16.04.2025

Кирков: Да им дадеме шанса на вработените во „Лајка“ за проблемот со бездомната популација на животни да биде решен

Денеска, на 62-та седница на Град Скопје, се обрати и советникот Стефан Кирков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кој се осврна на проблемот во Скопје со бездомната популација на кучиња. Тој напомена дека го посетил ЈП Лајка и имал прилика да разговара со вработените кои иако работеле таму повеќе од три години, сепак немаат постојано вработување. Кирков додаде дека проблемот со бездомните кучиња ќе биде решен со нова програма, меѓутоа поднесе молба до сите советници во Град Скопје, да се изгласаат 6 вработувања, бидејќи ова се луѓе кои заслужуваат, затоа што не секој може да ја работи оваа работа, освен оние кои навистина ги сакаат животните.

Кирков посочи дека не може да остане имун кога во прашање се бездомните кучиња на територија на главниот град. Тој го нарече овој проблем рак-рана, проблем кој е децениски и додаде дека политиката не треба да биде дел кога станува збор за животните.

„Сакам да ги известам целата јавност и советниците дека пред неколку недели заедно со мојот колега од Советот, господинот Тони Бојковски, бевме во посета на ова јавно претпријатие. Разговараме и со директорката која можам да кажам дека не прими одлично, не запозна со целокупната работа на претпријатието, со сите проблеми со кои се соочува ова претпријатие“, изјави Кирков.

Кирков објасни дека разговарал и со вработените кои за жал, иако се вработени таму повеќе од 3 години, сепак немаат постојано вработување.

„Ова се истите тие вработени кои сега доаѓаат во оваа програма за вработување до крајот на годината. Се работи се одржувачи на претпријатието, за чувари, за ветеринарни техничари и слично. Сакам како човек кој е директно поврзан со животните и ја следи оваа проблематика да ве запознаам дека оваа работа е навистина комплексна. Не може секој да ја работи оваа работа и навистина треба да си ја сакате работата и да си ги сакате животните за да го работите ова“, додаде Кирков.

Кирков истакна дека смета дека овие вработени треба да добијат шанса за вработување и да бидат задржани во стационарот. Тој предложи до советниците од Град Скопје да се изгласаат 6 вработувања кои се бараат во моментов, и кажа дека ги уверува сите скопјани дека ова претпријатие во моментов ќе биде проширено, а и дека во многу краток период ќе биде решен проблемот со бездомните кучиња.

„Програмата со која работи ЈП Лајка е погрешна и треба да се дополни со тоа што се покажа во изминативе години дека не ги оправда очекувањата на скопјани или пак многу споро го решава проблемот со бездомните кучиња. Метрополата е преплавена има преку 10-тина илјади кучиња на територија на Град Скопје. Ајде да почнеме од некаде да го решаваме проблемот, многу набрзо од сега верувам дека ќе имаме нова програма, нов градоначалник ново раководство, но да дадеме шанса на овие вработени да си ги задржиме затоа што е реткост“, заклучи Кирков.