Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, гостуваше во Дневникот на телевизија Сител. Ѓорѓиевски кажа дека веќе започнал со теренски посети и дека програмата ќе ја гради заедно со граѓаните, со цел да се одговори на сите нивни потреби. Тој ја истакна високата реализација на програмата во Кисела Вода, која е резултат на конкретни проекти кои го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.
,,Ова е еден од правилните начини, од една страна граѓаните подолго време ќе можат да слушнат за мојот концепт мојата визија за Скопје, за сето она што треба да го направиме. Од друга страна, од денеска започнав со теренски посети. Тоа ќе го правам во наредниот период, каде што програмата заедно со граѓаните ќе ја креираме. На овој начин, поблиски ќе бидеме до граѓаните и нема да испуштиме одредени делови во програмата да вметнеме што се од исклучително значење за граѓаните“, вели Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски изрази благодарност за поддршката од граѓаните и ја потенцираше нивната улога во изборниот процес.
,,Силно верувам во поддршката на мојата политичка партија, но од друга страна верувам во сето она што со мојот тим го сработивме изминатиот период во општина Kисела вода. Граѓаните како и обично пресудуваат во овие процеси. Јас им се заблагодарувам на сите скопјани, на сите граѓани коишто и во оваа фаза ми дадоа огромна поддршка. Се чувствува силната поддршка од страна на граѓаните, и тоа дека верувам дека скопјани ќе ми дадат шанса да го водам главниот град“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски истакна дека неговиот фокус е на резултати, а не на споредби со минатото. Тој ја истакна и високата реализација на програмата за општина Кисела вода и нагласи дека граѓаните можат да препознаат што е сработено.
,,Не би го трошел времето на граѓаните да ги правам споредбите и паралелите со минатото. Реализацијата на мојата програма е над 90% и тоа сите го знаат добро во Кисела Вода. Тоа што сум го реализирал во Кисела Вода заедно со мојот тим, заедно со советниците, се проекти за граѓаните и секогаш наидувале на позитивна реакција од страна на Советот и секогаш сум ја добивал колективната поддршка“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој ја потенцираше својата посветеност да го води главниот град за доброто на сите граѓани.
,,Вчера бев категоричен на моето излагање, кратко, во присуство на претседателот на моја политичка партија кога ја побарав поддршката на сите скопјани, без разлика на политичка припадност, без разлика на вера, без разлика на нација“, речен Ѓорѓиевски и додаде:
,,За мене се подеднакво важни сите, за мене постојат само граѓани коишто си го сакаат градот или не го сакаат градот. И по тој основ јас ќе функционирам“.