Во емисијата ,,За или против“ на телевизија Алфа, гостуваше градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски. Костовски зборуваше околу моменталната состојба во општина Бутел, и проектите кои веќе дел од нив се реализираат успешно. Тој потенцираше дека следната недела општина Бутел ќе аплицира и на вториот повик, за поддршка на општините од страна на Владата со вкупно 38 проекти, проекти кои ќе им го подобрат животот на граѓаните кои живеат на територија на општина Бутел.
Костовски истакна дека со општински пари се започнати да се градат корита на реката Серава, и дека при апликацијата општина Бутел доби проект за да се доградат 300 метри корито, кои претходно недостигале. Тој додаде и дека дополнителен проект е изградба на пешачка патека и целосно покривање на тој простор со нови 5000м2 паркова површина.
,,Тоа беше втор битен проект и имаме уште неколку битни клучни сообраќајници кои што ги добивме, улици кои што ги добивме од страна на Владата, а ние ги испроектиравме. Некои од нив веќе се работат, а една или две улици остануваат да се започнат, едната ќе се започне утре, а другата ќе се започне за неколку дена или некаде во текот на следната недела“, кажа Костовски.
Костовски напомена дека општина Бутел е една од најзелените на територија на Град Скопје по однос на процентот на зеленило, а и дека има барања за куќи на територија на општина Бутел. Тој понатаму додаде и дека има доста заинтересираност за населување во општина Бутел
,,Сето тоа гледаме да биде урбанистички квалитетно средено, онаму каде што имаме урбанистички план. Но, онаму каде што е надвор од опфат гледаме сето тоа да биде квалитетно и соодветно спроведено за да нема одредени проблеми по однос на квалитетот на живот понатака“, објасни Костовски.
Во контекст на веќе објавениот втор повик од страна на Владата, за поддршка на општините, Костовски истакна дека следната недела ќе аплицираат со 38 проекти, три пати повеќе од претходно, но објасни дека тоа не е само бројка туку проектите имаат и поголема вредност.
,,Станува збор за проекти кои што можеби се ветувани со децении назад на територија на општина Бутел, носечкиот е нова поликлиника, нов плоштад со културен дом, изградба на две нови фасади на две основни училишта во Бутел, изградба на затворен базен во населба Радишани во училиштето ,,Ацо Шопов“, во училишниот двор. Нема да застанеме, ќе гледаме најголемиот број од училиштата да добијат свој затворен спортски базен“, потенцираше Костовски.
Костовски додаде и дека во апликацијата има и голем број на улици кои изминатите децении не биле приоритет, а за истото ќе бидат одвоени 150 милиони денари, за над 70 улици.
,,Над 70 улици, нешто што не е видено на територија на општина Бутел. Аплициравме со проекти кои што се ветуваа многу годни наназад, изградба на два нови мостови на реката Серава во пределот на Радишани и горна зона на Радишани. Со тоа ќе ја подигнеме и безбедноста во овој дел на општина Бутел“, заклучи Костовски.