Во рамки на одбележувањето на Розовиот октомври, месец посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка, неговата превенција и рано откривање вечерва Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Штип организираше панел-дискусија под мотото „Сплотено дејствуваме за една победа повеќе“. На настанот се обрати претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, а свои стручни мислења споделија и присутните доктори и директори, кои преку отворена дискусија се осврнаа на значењето на навременото откривање на болеста, редовните здравствени прегледи и потребата од континуирана поддршка за жените кои се соочуваат со оваа дијагноза, но и за Мултидисциплинарен кабинет за дојка кој свечено беше пуштен денес.
,,Произлезе од една искрена желба да им се олесни процесот на лекување на овие пациенти. Една пациентка која што се соочува со сомнежот дали има карцином на дојка, воопшто не треба да се соочува и со талкањето по болничките ходници. Ова беше главниот мотив, да се создаде овој мултидисциплинарен центар. Идејата беше да се создаде еден координиран тим на специјалисти, коишто ќе помагаат координираат да се намали времето на чекање на дијагностицирање, веднаш ќе добијат навремена терапија, навремена помош и ќе се намали неизвесноста. За мене, ова е еден чекор во здравството“, рече доц. д-р Мирела Василева, раководител на одделот за Дерматовенерологија – Клиничка болница Штип и член на ИК на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ.
Доц. д -р Габриела Димова, која е и раководител на одделот за Радиодијагностика во Клиничката болница во Штип, вели дека жените често се соочуваат со тешкотии при добивањето термин за преглед, поради што целта на овој центар е да им го олесни пристапот до здравствени услуги и да придонесе за навремено откривање на ракот на дојка: ,,Да дадеме малку фокус на жените коишто имаат итна потреба од закажување на лекар, итна потреба од биопсија. Го ставаме фокусот на жени не кои се за редовна контрола, туку жени кои имаат потреба од биопсија, со цел да дојдат брзо до дијагноза. Покрај чекањето, се надеваме сега за сега дека во овој центар ќе бидат вклучени жени коишто се кандидати за биопсија, меѓутоа во наредниот период ќе можеме да ги вклучиме жените коишто ќе бидат оперирани, ќе ги закажуваат своите редовни прегледи овде. Ние сме свесни дека е многу тешко да се закажат тие прегледи и токму поради тоа го правиме ова, еден чекор поблиску до полесно закажување“.
Д-р Елвин Шакиров, член на онколошката група „Не си сам/а во оваа борба“, сподели дел од своето лично искуство и објасни како настанала иницијативата за формирање на групата. Тој истакна дека целта е да им се даде поддршка на жените кои се соочуваат со ракот на дојка, да им се даде надеж и да се охрабрат полесно да се справат со предизвиците во текот на лекувањето. ,,Карциномот повеќе не е крај, туку во современото општество се лекува. Сигмата како може да пробиеме, не да шепотиме, туку да говориме гласно“.
,,Ова е една борба која бара да сме сојузници за доброто на нашето општество. Ракот на дојката претставува еден од најголемите и најсериозните здравствени проблематики во нашата држава. Оваа тема не е статистички проект, оваа мисија се роди пред 20 години. Ниедна жена не треба да биде сама во оваа борба, ниедна жена не треба да помине низ тие студени ходници на нашите институции и треба заедничка поддршка за секоја од нас што се соочува со оваа болест и ова треба да биде колективна и општествена свест за сите. Имаме многу работа да направиме, и кога сме кај промените, сакам да напоменам дека жените се многу клучен фактор на промени, на донесување на одлуки“, истакна Лиридона Беќири, извршен директор на организација ,,Езра“.
Проф. д-р Славица Арсова, директорка на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија, ја поздрави иницијативата за формирање на мултидисциплинарен центар, нагласувајќи ја важноста на сеопфатниот пристап во лекувањето на ракот на дојка. Таа посочи дека, покрај физичкото здравје, особено внимание треба да се посвети и на менталното здравје на жените за време на лекувањето, како и на обезбедувањето соодветна психолошка поддршка во процесот на справување со болеста: ,, Жените покрај тоа што се ранливи исто така се и многу отпорни на разноразни непријатни ситуации. Соочувањето со било каква болест е голема траума, но таа траума се надминува доколку се побара соодветна помош и поддршка“.
Преку вакви активности се испраќа порака за важноста на заедништвото, информираноста и солидарноста, со цел да се поттикне поголема свесност кај јавноста и да се даде поддршка на секоја жена во борбата против ракот на дојка.






















