11.11.2025

Јаревски: Предлог буџетот за 2026 година е со проекции основани на барања на буџетските корисници

На телевизија 24 во емисијата „Анализа“ гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски, кој истакна дека предлог-буџетот за 2026 година ги опфаќа потребите на буџетските корисници и дека овој предлог буџет има изразена фискална дисциплина, како и серија инструменти кои ќе значат зголемена отчетност и ефикасност при самата реализација. 

„Буџет што значи работа, работа и само работа. Овие проекции ги базираше Mинистерството за финансии врз основа на барањата на буџетските корисници. Исто така, има два нови моменти кои треба навистина да се земат и да се почитуваат, тоа е изразена фискална дисциплина, како и серија на инструменти коишто ќе значат  зголемена отчетност и ефикасност при реализацијата на самите буџети. Треба да се поздрави и тенденцијата за намалување на буџетскиот дефицит, лани беше 4 сега е веќе 3,5 тоа е 0,5  намалување“, рече Јаревски. 

Јаревски направи компарација за време на владеењето на претходната влада и сега. „Ние претходно се изнагледавме буџети од СДСМ и од ДУИ, кога ќе дојдеше ребалансот гледавме дека реализацијата е лоша. СДСМ успеа да ни го дуплира долгот за времето на нивното владеење. Сега ова е далеку од дуплирање, доколку овие инструменти, како и зголемување на фискалната дисциплина, потоа алатките што ги воведува министерството дадат резултати, веќе реалност ќе ни биде и во однос на растот од 3,8% и во однос на стабилизирањето на инфлацијата“, посочи Јаревски.