03.07.2025

Стојкоски: ДПИ како никогаш до сега се вклучи во анализа на цените, приоритет ни е интересот граѓаните и заштита на потрошувачите

По преземањето на одговорноста во државниот пазарен инспекторат работиме со засилено темпо и со јасна цел да обезбедиме почитување на законите и еднаков третман на сите правни субјекти. А, пред се наша приоритетна цел е заштитата на потрошувачите, односно заштитата на граѓаните на Република Македонија, рече Влатко Стојкоски, организационен секретар на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Државен пазарен инспекторат на денешната трибина во Струмица на тема „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна’’.

Стојкоски посочи дека од први ноември 2024 година до први јули 2025 година, Државниот пазарен инспекторат изврши над 18 илјади надзори по правни субјекти, каде што се изречени над 4500 мерки, односно над 110 милиони денари издадени платни налози и над 150 издадени решенија за забрана за вршење на дејност.

„По задолжение на Владата на Република Македонија, односно Министерството за економија и труд, ДПИ се вклучи како никогаш до сега во анализа на цени, односно контролирани беа над 100 правни субјекти во трговијата на големо и трговијата на мало“, рече, меѓу другото, Стојкоски.

Стојкоски додаде дека анализата покажа дека зголемувањето на цените на производите доаѓа од кај увозна прехранбена стока, додека зголемувањето кај домашните производи е минимално.