18.04.2026

Здравковски: Тековните економски показатели се значително подобри во споредба со 2022 и 2023 година, Владата внимателно носи одлуки за да се спречи дополнителен раст на цените

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски, на гостување во емисијата Бизнис 21 на ТВ 21 истакна дека моменталната инфлација од 4,9% е во нормални граници во услови на глобална економска и геополитичка нестабилност и додаде дека токму и Организацијата за храна и земјоделие укажува дека во кризни состојби инфлацијата се движи во рамки од 5 до 8 проценти.

„Сметам дека се држиме во овие граници, но разликата е во тоа што Владата ги презема овие чекори, претходно со намалување на ДДВ и акцизите за горивата со цел да се заштити онаа инфлаторна спирала која се произведува со години наназад поради лоши политики, немање производство, намалено производство, намалено земјоделие, благодарение на владата на СДС“, рече пратеникот Здравковски и додаде:

,,Не смееме да носиме избрзани одлуки. Мораме да ги видиме тековите како ќе се движат. Имаме нестабилност на цените на нафтата секаде низ светот каде што нафтата знаеме дека е еден огромен инпут на било кој производ којшто знаеме дека ја дефинира цената. Така што мораме да бидеме претпазливи со она што ќе го донесеме како одлука, и како Влада, и како Собрание за да немаме понатамошни последици и зголемувања“.

Здравковски посочи дека тековните економски показатели се значително подобри во споредба со 2022 и 2023 година и укажа дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ внимателно носи одлуки за да се спречи дополнителен раст на цените.

„Ефектот од мерките е многу мерлив преку она што го кажува статистика како податок, 2022 – инфлација на храната е 24,8%, 2023 – 16,8% на храната, 2026 година – 4,9%. Дополнително, во заштита на стандардот на граѓаните не влегуваат само вакви пакет мерки, коишто се времени па после да ги враќаме. Влегува и она што во континуитет се прави, а видовме дека најранливата група, односно повозрасните граѓани на Република Македонија, од овој месец имаат по 7.000 денари плус на секоја пензија во однос на претходните две години“ истакна Здравковски.