08.07.2026

Николовски: Царинската управа руши рекорди во месечната наплата на приходи, во буџетот се инаксирани 12,68 милијарди денари

Во денешната емисија „За или против“ на Алфа телевизија гостуваше Бобан Николовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Царинската управа кој истакна дека Царинската управа руши рекорди во наплата на приходи, оценувајќи дека континуираниот раст е потврда за успешното работење на институцијата. Според него, во јуни годинава е остварен раст на наплатата од 22,5 проценти во однос на истиот месец минатата година, што претставува зголемување од околу 38 милиони евра.

„Во Царинската управа имаме континуитет на рушење на рекорди, тоа за мене е сигнал дека сме на прав пат. Трет пат имаме највисока наплата месечно од постоењето на Царинската управа. Во јуни постигнат раст на наплата од 22,5% во однос на јуни минатата година, или 37,9 милиони евра повеќе во јуни овој месец, во споредба со јуни минатиот месец. Во буџетот се инкасирани 12,68 милијарди денари, односно 206 милиони евра приходи, при што е надминат досегашниот рекорд кој беше остварен во јули минатата година, кога биле наплатени 12,64 милијарди денари“, рече Николовски.

Тој нагласи дека позитивен тренд е забележан речиси по сите основи на наплата. Како што посочи, зголемени се приходите од ДДВ при увоз, приходите од данок на моторни возила и приходите од царина и акцизи. Николовски оцени дека ваквите резултати се показател за зголемената ефикасност на Царинската управа и за ефектите од мерките насочени кон подобрување на контролите и наплатата на јавните приходи.

„Бележиме наплата по скоро сите основи, приходи од наплата на ДДВ при увоз се зголемени за 26,2%, од данок на моторни возила за 24,4%, од царината за 19,5% и од акцизи за 15%. Она што е најбитно за нас како Царинска управа и за државата, е што Царинската управа не само што турка рекорди по однос на месечна наплата, турка рекорди во континуитет, а според мене континуитетот и доброто работење е тоа што ни беше потребно, а еве две години веќе изминаа, ние покажуваме дека сме на еден солиден пат“, вели Николовски.