Во рамките на денешната трибина “Подобрување на образованието“, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова-Серафимовска го изнесе своето мислење и истакна дека за квалитетно образование потребен е висококвалификуван кадар, како и подобрување на учебните помагала и наставни програми преку реформите. Таа ја пофали Влада за посветеноста на образованието, нагласувајќи дека реформите треба да се спроведуваат полека и темелно.
,,Реформите секогаш почнуваат од високото образование. За да имаме квалитетно средно и основно образование треба да имаме квалитетен кадар кој што ќе работи ќе предава ќе го извршува образовниот процес на високо ниво. Со реформите во високото образование ќе се создадат поквалитетни учебни помагала, ќе има многу повисок квалитет во однос на самата дејност, самата содржина која што ќе се предава во основните и во средните училишта“, изјави Стојкова-Серафимовска.
Стојкова-Серафимовска напомена дека ќе се вратат оние критериуми кои што биле присутни во минатото.
,,Ги враќаме оние критериуми кои што беа во минатото, вистинските критериуми за образование, правилници како се пишува еден учебник, како се изработуваат сите учебни помагала, како се креира една програма и за средно и за основно образование“, додаде Стојкова-Серафимовска.
Стојкова-Серафимовска додаде дека образованието не трпи брзи измени, а пример за тоа е реформата на Мила Царовска во изминатите 7 години, која не помина низ потребните филтри и беше донесена набрзина, особено во основното и средното образование.
,,Во образованието не може да се прават брзи измени. Имавме еден таков лош пример во изминатите 7 години, “славната“ министерка Мила Царовска, по лошите реформи што ги направи, каде што на еден исклучително брз начин донесе реформа, и тоа токму во најважното, во основното и средното образование, која што не помина низ оние филтри низ кои што треба да помине таква една стратегија и реформа“, истакна Стојкова-Серафимовска.
Стојкова-Серафимовска напомена дека реформите во образованието се спроведуваат полека и темелно, преку јавни дебати, бидејќи квалитетот на образованието влијае на квалитетот на општеството.
,,Ние тоа го правиме многу соодветно и полека, и темелно, издржано преку јавни дебати и пред да влезе законот во собраниска процедура, со една широка и транспарентна дебата околу сите проблеми кои што може да се јават во еден образовен процес. Образованието е една неразделна циклична форма, почнуваме со реформи во сите процеси кои што ќе дадат соодветни резултати, но тие реформи се спори, и треба да бидат спори, бидејќи образованието ја афектира целата држава, од градинка до факултет до постдипломски студии. Во зависност од квалитетот на образованието, зависи и квалитетот на општество во една држава“, додаде Стојкова-Серафимовска.
Стојкова-Серафимовска истакна дека претходните реформи доведоа до лоши услови за студентите, како во домови, исхрана и учење, така и во квалитетот на наставниот кадар и ова го намали интересот на студентите за учење и доведе до нивна разочараност.
,,Сето тоа се рефлектираше најпрво на студентите како директни приматели, тие се тие кои што треба да го добијат тоа знаење и тоа искуство. Кога вие немате соодветни услови како студент, почнувајќи од услови за живеење во домови кои што се во многу лоша состојба до исхраната до односот кон самите студенти, па се до лоши услови за учење, несоодветни лаборатории, несоодветен кадар па и професори произлезени од ваков лош систем, од лажни идентити, лажни професори“, истакна Стојкова-Серафимовска.
Стојкова-Серафимовска потенцираше дека квалитетното образование зависи од обезбедување адекватни услови за студентите и дека реформите мора да ги подобрат овие аспекти и да спречат проблемите за да се осигура непречен развој на академската средина.
,,Во услови во кои самите професори немаат услови за работа, сето тоа се рефлектира на самата програма и студентите добиваат лош квалитет на знаење. Студентскиот оброк секако дека треба да имате здрава храна за да имате и здрава мисла, мора да бидат тие студенти добро одморени, со добри услови за хигиена, за исхрана, за да можат да го восприемат знаењето како што треба. Не смее да ни се дозволи на студентите да трпат заради лоши тендери, а имаше такви случаи во минатото“, истакна Стојкова-Серафимовска.
Стојкова-Серафимовска истакна дека првиот чекор е самокритичноста, а новата Влада, предводена од експерти од образованието, поставува силна основа за напредок во сите образовни нивоа.
,,Го направивме првиот чекор и станавме самокритични. Сега имаме една поинаква влада од претходната, која е пред се општествено одговорна, имаме челници на таа Влада кои што доаѓаат од образованието, и тоа е исто така многу важно. На нашиот прв академски час минатата година присуствуваа и Претседателката на државата и премиерот на Владата и министерката на образование, сите тројца кои што доаѓаат од УКИМ. Верувам дека со една ваква Влада со еден ваков министер кој што е свесен за проблемите, со ваков премиер кој што знае колку е образованието важно, ние сме на одличен пат за подобро образование“, изјави Стојкова-Серафимовска.
Стојкова-Серафимовска додаде и дека падот на наталитетот и миграцијата создаваат проблеми во образованието, но решението е во реформите и враќањето на воншколските активности, што ќе создаде нови можности за наставниците без доволен фонд на часови.
,,Но и за тоа има решение кое што веќе е пополнето, а тие решенија се наоѓаат токму во реформите, во наставните програми. Верувам дека со новата концепција која ќе се понуди, ќе најдеме модул да им дадеме ангажмани и на тие наставници кои што остануваат без фонд на часови. Со самото тоа враќање на оние вон школски активности кои што ги имаше во минатото, а сега ги нема или недоволно се обрнува внимание ќе се искористат и тие наставни кадри, ќе се искористат и тие наставници кои што во моментот не од нивна причина остануваат без доволен фонд на часови. “, заклучи Стојкова-Серафимовска.