04.07.2025

Стојаноски: Ребалансот на Буџетот е изработен за зголемена финансиска поддршка на клучни сектори како младите, пензионерите и локалната самоуправа

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, беше гостин на Радио Лидер во ,,Летна политика“. Тој истакна дека  ребалансот на буџетот е внимателно и стратешки изработен со фокус на зголемување на финансиската поддршка за клучни сектори како што се пензионерите, младите и локалната инфраструктура. Според Стојаноски, оваа финансиска рамка е пример за добар пристап и треба да се изучува како пример на успешен ребаланс, кој е транспарентен и без искривени перцепции.

,,Ако ги видите позициите на буџетот најголемо зголемување има токму во тоа министерство. Покрај тоа што им дадовме 5000 денари на сите 338 илјади пензионери сме превиделе повеќе средства за од септември повторно да им ја покачиме пензијата. Повторно ќе добијат покачување на нивните пензии што значи дека за помалку од година и половина пензионерите во република Македонија ќе добијат три пати покачување на нивните пензиите“, вели Стојаноски.

Според Стојаноски, министерката за финансии направила перфектен ребаланс, кој што, како што вели тој, треба да се изучува и во факултетите.

,,Успеала да направи одредена рамка која никаде не се намалува, има само покачување како што на пример има за изградба на градинка рекордно високо предвидено во иницијалниот буџет за 2025 година сега додава 250 милиони денари плус за изградба на градинка“, рече Стојаноски и продолжи:

,,За префрлување надлежност на единиците за локалните самоуправи, за изградба на старачки домови. За сите оние трошоци коишто ги наброи Тренчевска, не е точно дека има намалување“.

Стојаноски  напомена дека во експозето на претседателот на Владата, експозето на заменик министерот, па дури и во говорите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, нема никаква искривена перцепција.

,,Нека го земат експозето на премиерот од една година владеење, експозето на заменик министерот или говорите на било кој од пратениците што го имаме на ребалансите на буџет, и нека најдат една буква што е лажна, која што е искривена е искривена или перцепција која што е искривена“, истакна Стојаноски.

Според Стојаноски, Буџетот покажува зголемени средства за млади, што укажува на стратешка определба за поддршка на оваа категорија преку суштински и директни мерки.

,,Од она кое што може да се види од Буџетот, па дури и од тоа министерство, има покачување на ставката за млади за едно некои од над 90 милиони денари. Има ставки коишто се директни и суштински и секаде има покачување, затоа што ние така перцепираме дека треба да се движат работите. Дури има и за посебните домови, многу повеќе наместо во институции ќе бидат сместени во домови“, посочи Стојаноски и додаде:

,,Прашање кое што ќе биде суштина во планот на владата за економски раст. Нашата економска филозофија се позиционира на три работи, тоа е градежна офанзива, и на тој начин да го стимулираме развитокот на стопанството. Агресивна политика за странски директни инвестиции како и помош на македонското стопанство. Имаме огромна амбиција да влеземе во еден инвестициски циклус којшто ќе биде историски, но мораме реално и директно да ги погледнеме и оние фактори кои што би влијаеле во изведувањето на овие проекти“, заклучи Стојаноски.