Димитар Костадиноски, градоначалник на општина Јегуновце во своето гостување во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува со вашиот градоначалник“ рече дека како градоначалник успеал да ја екипира општинската администрација за да општината претставува сервис за сите граѓани. Тој исто така посочи дека општината немала Јавно комунално претпријатие, но тој формирал и е многу значајно за самата општина и за граѓаните.
-Прво мое ветување што беше пред да станам градоначалник беше дека општина Јегуновце ќе стане сервис на сите граѓани без разлика на политичката и на етничката припадност. Општината имаше административни проблеми односно не беше добро екипирана како што доликува на една мала рурална општина, значи прво се зафатив со екипирање на општината. Второто што беше тоа што Јегуновце беше општина која немаше јавно комунално претпријатие односно мојот претходник го затвори, не знам од кои причини, значи формиравме јавно комунално претпријатие, рече градоначалникот Костадиноски.
Градоначалникот Костадиноски во текот на своето гостување се осврна и на проектите за општината каде ги спомена проектите од 2024 и 2025 кои се реализирале благодарение на помошта која ја дала владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски.
-Од проекти кои се во тек кои што се работат, од проекти кои што ги аплициравме во 2024 од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски добивме значителна сума кои се навидум малку за некои поголеми општини, но за општина Јегуновце се многу големи и многу значајни. Добивме 4 проекти кои во моментот се реализираат, асфалтираме 4 улици кои допринесуваат за побрз и поедноставен начин на комуникација на населените места кои ги поврзуваат овие улици. Во мојот мандат се отвори нова градинка и територијално е опфатено секое дете од општина Јегуновце да биде згрижено. Овде ќе го споменам и реновирање на фудбалското игралиште, истакна тој.
Костадиноски во врска со помошта од Владата укажа дека за 2025 аплицирале за 15 проекти односно 14 биле за реконструкција и изградба на улици, а другиот проект бил за доградба на фекална канализација во населено место Ратае.
-Исто така проекти кои се сега во тек, на повикот од 2025 имаме 15 проекти и планирано е за секое населено место да не биде запоставено, односно направив баланс во секое населено да има изградено улици. Од овие 15 проекти, 14 ни се за реконструкција и изградба на улици, а еден ни е доградба на фекална канализација во населено место Ратае. Благодарение на оваа влада, на владата од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски ние како општина добивме 400 000 евра за 2024 година, а сега добивме 1 200 000.Сето ова значително ќе ја промени сликата на општина Јегуновце и се надевам во периодот што следи ќе биде уште подобро и поквалитетно место за живеење на секој еден граѓанин, кажа градоначалникот Костадиноски.
На крај Костадиноски порача:
-Морам да истакнам дека се реши децениски проблем, а тоа е се обезбеди вода за три населени места и тоа е еден од проектите на кои сум горд. Исто така две населени места ги вклучивме во фекална канализација и го решивме тој децениски проблем.