15.12.2022

Ефтимов: Декларативни се заложбите на власта за борба против корупцијата, таа е најзастапена во високите структури на извршната власт

„Ова е едно експлицитно укажување дека покрај препораките и опомените кои претходно биле давани, истите не се исполнуваат и дека нема политичка војла и желба од страна на власта да се пристапи кон одредени конкретни чекори  за намалување на степенот на корупција“, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов во однос на реакциите на претставниците на меѓународната заедница особено амбасадорите на САД и Велика Британија за слабите резултати од борбата против корупцијата и малата доверба на граѓаните во правосудните органи.

Тој во емисијата „Патот кон“ на телевизија АлсатМ истакна дека само декларативни се заложбите на власта за борба против корупцијата, и дека и покрај најавуваните драстични чекори како ветинг и генерален реизбор во судството, како и закон за потекло на имот, измислени беа и разни функции за борба против корипцијата, но таа се повеќе се шири.

Ефтимов посочи дека тоа е така затоа што корупцијата е широко распространета во високите структури на извршната власт, односно владините функционери, нешто што е наведено и во  извештаите на многу релевантни меѓународни институции како што е американскиот Стејт департмент.

„Сега ова што го видовме, конкретно со пораките од сите високи функционери, од меѓународната заедница и од амбасадорите како амбасадорката на Соединетите Американски Држави и амбасадорот на Велика Британија, евроамбасадорите сите се со иста порака. Со декларативните заложби на власта се виде дека истите воопшто не се залагаат за надминување на корупцијата. Покрај најавуваните драстични чекори што ги најавуваа, односно да има ветинг во судството, генерален реизбор и проверката на потеклото на имот на сите функционери, па се формираа одредени тимови за следење на состојбите, па вицепремиери за борба против корупција, мноштво на институции, а немаме никакви резултати. Поразителни бројки во извештаите на Стејт департментот каде што јасно беше наведено дека корупцијата е во високите владини функционери, односно во високите структури во извршната власт. Исто така и други извештаи како што беше Транспаренси интернешнл кој една година не номинираше на 111-тото место“, истакна Ефтимов.

 Додаде дека сето ова укажува дека нема волја и дека сите овие заложби беа декларативни, но подигнувањето на оваа тема од страна на вака клучни меѓународни фактори е доказ дека мора нешто да се презема.

Во дадениов момент, вели Ефтимов, имаме поголема криминализација и немаме никаква борба против корупцијата, од друга страна сите оние чинители кои што треба да се борат против корупцијата, на очиглед на целата јавност гледаме дека тие меѓусебно се препукуваат.

„Довербата во македонското судство е 8%, која што во дадениов момент јас тврдам дека е помала. Тоа значи дека не само ВМРО-ДПМНЕ, туку и јавноста, а секако и меѓународните организации увидоа дека власта нема желба ниту волја да се справат со корупцијата. Со осум посто доверба ние не можеме да воспоставиме владеење на правото и правен систем. А, тоа може да се види и од друга гледна точка, на пример во буџетот за наредната година одредена е сума од еден милион денари за владеење на правото. Тоа е околу 15-16 илјади евра кои што се одвоени за реформи и владеењето на правото.  И сите скандали кои што во последниот период се излезени, гледаме дека се нема волја да се процесуираат кои би доживееле и правосилни пресуди, со што би виделе дека нешто се прави во борбата против криминалот и корупцијата“, посочи Ефтимов.