На денешната панел дискусија насловена “150 години железници во Македонија 1873-2023” организирана од Републичката комисија за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ организира свое обраќање имаше и Д-р Петер Верлич од Словенија кој зборуваше за нивните искуствата како држава во делот на менаџирањето на железничкиот сообраќај и либерализацијата на пазарот на железниците како дел од планот и стратегијата на ЕУ.
„Пред 30 години ако ме повикавте вака на некој панел истото ќе го кажев и за словенските железници. Лоша инфраструктура, лош возен парк, лоша гарнитура, систем кој бил истрошен, но Словенија тогаш веќе имаше како што и вие имате сега јасен правец кон Европската Унија. Тоа беше политичка одлука од осамостојувањето и понатаму. Јас мислам дека било токму тоа што тогаш го изодевме овој пат до полноправно членство, нормално требаше да ја прилагодиме својата легислатура со европската во областа на железниците. И тука е тоа што можеме да кажеме некој збор околу либерализацијата и плус со влезот во ЕУ, нормално добивме доста европски средства за модернизација на железничката инфраструктура која беше истрошена, а исто така и сите влади имаа јасна цел дека треба да се модернизира железничката инфраструктура и денес многу се вложува во обнова и модернизација на главните железнички коридори низ Словенија, но исто така и во обнова и ревитализација на регионалните железнички пруги“, истакна Верлич.
Тој исто така кажа дека словенските железници се организирани како холдинг на железнички претпријатија, но инфраструктурниот менаџер, таканаречената СЖ „Инфраструктура“ е одвоена од превозниците согласно регулативата на ЕУ.
„Словенија слично како Австрискиот и Германскиот модел имаме холдинг. Фирмите се во сопственост на холдингот, но сепак независни и функционираат според легислатурата на Европската Унија. Тоа што сакав да кажам е дека државата има посебен договор со патничкиот сообраќај и со инфраструктурниот менаџер. Тој е договор на 10 години за субвенционирањето на железничкиот патнички сообраќај за финансирање, одржување и спроведување на сообраќајот, така да фирмите знаат дека имаат стабилно финансирање. Сега е тој договор склучен за десет години, до крај на 2030 година, а патничкиот сообраќај засега е во внатрешниот сообраќај, дозволен монопол, а после 2031 година ќе биде сѐ отворено за конкуренција. Така да тоа најверојатно ќе биде најголема промена во функционирањето на патничкиот сообраќај на железниците, а што се однесува на товарниот сообраќај во фирмата СЖ Карго веќе влезе странски стратешки партнер ЕП Холдинг, но најголем удел во претпријатието имаат словенски железници“, додаде Верлич и додаде:
„Значи либерализацијата и приватизацијата е дел од планот на ЕУ и тоа е овој четврти пакет уредби, така да ќе бидеме соочени со конкуренција во патничкиот сообраќај, а во товарниот веќе ја имаме“.
Тој исто така советуваше дека Македонија треба да се подготви доста добро за време на преговарачкиот процес за влез во ЕУ, не само да ги усвојува директивите, а технички, технолошки и организациски системот да не е подготвен.