22.01.2024

Андоновски: ЈП Паркови и зеленило се турка во должничко ропство, двојно зголемени парите за приватни агенции за вработување на 8,5 милиони денари

Проблемот кај ЈП Паркови и зеленило е што го имаат зголемено бројот на вработените од приватни агенции за вработување и сумата која ја исплаќале од 4 милиони и 300 илјади денари се зголемила 8 милиони и 500 илјади денари по фактура за приватни агенции за вработување, изјави советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Андоновски воедно истакна и дека по листинзи кои се достапни освен што ги имаат зголемено бројот на вработени и парите за вработување, во исто време ги имаат зголемено и сумите по вработен.

– Така за административни службеници во рамките на јавното претпријатие  за кое се исплаќале околу 30.000 денари месечен надоместок, сега се исплаќаат 60.000 денари. На тој начин претпријатието се турка во должничко ропство коешто го прави несолвентно и јавното претпријатие, но и двете друштва кои се под јавното претпријатие, потенцираше Андоновски.

Тој нагласи дека ако се сакало да се справува со проблемите, немаше да има невалидни и незаконски огласи после нова година со недозволен план од Советот, со кој требаше да се вработат уште 200 други луѓе во паркови и зеленило.

– Затоа велам дека ве лажат и манипулираат, а ние сме тука да ги објасниме работите, рече Андоновски.