28.10.2026

Булевар Борис Трајковски и клучката Момин Поток во завршница, забрзано се работи на ставање во функција на булевар Македонија и првата подземна сообраќајница

Скопје се менува со конкретни дела, капитални инвестиции и проекти што носат подобар живот за граѓаните и по години наталожени проблеми, фокусот се стави на реализација на капитални инвестиции, финансиско стабилизирање и обновување на градската инфраструктура.

Скопје заслужува и ќе да биде модерен, уреден и функционален град, со развиена инфраструктура, ефикасен јавен превоз, чиста животна средина и квалитетни услуги за сите граѓани.

Во изминатиот период се преземени активности за намалување на финансиските обврски на Градот и јавните претпријатија, со цел создавање услови за нови инвестиции и поодговорно управување со јавните средства.

Се интензивираат работите на значајни инфраструктурни проекти, меѓу кои булеварот Борис Трајковски во Кисела Вода кој влегува во својата завршница, клучката кај Момин Поток, булеварот Македонија и првата подземна сообраќајница во Скопје, каде се прошируваат и адаптираат улиците што ќе се слеваат во неа за очекуваниот зголемен интензитет на сообраќај.

Со новиот мост во Карпош ќе се поврзат улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, а паралелно продолжуваат и активностите за расчистување на трасата на булевар АСНОМ и ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“, како и реконструкцијата на повеќе улици во различни делови од градот.

Изминатата година посебно внимание се посвети на пешаците и велосипедистите, при што уредени се пешачко-велосипедските патеки по должина на градските улици и булевари, на кејот на Вардар и покрај реката Серава, а за поголема безбедност и ослободување на јавниот простор, се поставија околу 2000 столпчиња.

Овие проекти имаат за цел подобро поврзување на скопските населби, намалување на сообраќајниот метеж и побезбедно движење за возачите, пешаците и велосипедистите, а паралелно, се подготвува изградба на монтажни катни гаражи кај Клиничкиот центар со кои ќе се подобрат условите за паркирање на пациентите, медицинскиот персонал и студентите.

Подобрувањето на јавниот превоз останува еден од приоритетите, за што се преземаат активности за реализација на проектот за брз автобуски превоз, со најавени решенија за зачувување на постојното зеленило и дополнително озеленување на сообраќајните коридори.

По една деценија, Скопје конечно ќе добие 100 нови еколошки автобуси треба да придонесе за обновување на возниот парк и поквалитетна услуга за патниците, јавната набавка е завршена и следува испорака на возила кои веднаш ќе се вклучат во јавниот превоз.

Истовремено, градскиот воз на релацијата Зелениково – Скопје нуди дополнителна можност за полесно патување, заштеда на финансиски средства за граѓаните и придонесува за намалување на загадувањето, а значаен чекор за животната средина е и изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Трубарево, која треба да придонесе за заштита на реката Вардар и подобрување на еколошките услови.

Жителите на Нерези, Бел Камен и Горно Лисиче добија нова водоводна мрежа, а по неколку години негрижа и пропаѓање, темелно се обновува популарната подна фонтана на плоштадот Македонија и повторно се ставија во функција сите фонтани во градот.

Подобрувањето на јавната хигиена се реализира преку набавка на комунална механизација, нови контејнери и засилени активности за чистење на јавните површини, а се преземаат и дополнителни инспекциски контроли, со цел спречување на создавањето диви депонии и санкционирање на загадувачите.

Паралелно, се работи на санација на просторот на „Вардариште“, каде што е планиран нов мега-парк на површина од околу 600.000 квадратни метри, а нови паркови ќе се градат на местото на запуштениот простор по должината на булеварот Христијан Тодоровски – Карпош во Бутел, покрај реката Вардар во Сарај, во Ново Лисиче, во непосредна близина на последната 5-ка и на кејот на Вардар во Карпош.

Овие нови паркови, зелени коридори и дополнителни дрвја треба да придонесат за подобар квалитет на воздухот и повеќе уредени јавни простори за рекреација.

Инвестициите во иднината на Скопје подразбираат и подобри услови за учениците, младите и културните работници, за која цел во средните училишта се унапредуваат кабинетите и лабораториите, се набавува современа наставна опрема и се подобруваат условите за спорт и практична настава.

Дополнително, се обновуваат спортски терени и комплекси, а се создаваат простори за младински активности, едукација и креативен развој, додека во областа на културата, продолжуваат подготовките за програмата „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, со цел поголема афирмација на градот и неговото културно наследство.

Додека преку дигитализација и модернизација на административните процеси, Градот работи на олеснување на услугите за граѓаните, подобар пристап до информации и поефикасно управување со ресурсите, електронските услуги и платформите за пријавување проблеми на граѓаните треба да овозможат поголема достапност и поедноставна комуникација со институциите.

Локалната власт во градот предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на политиките што носат развој, инвестиции и подобри услови за живот, затоа што Скопје заслужува повеќе. Со многу труд, работа, инвестиции и конкретни резултати, ВМРО-ДПМНЕ гради подобра иднина за сите скопјани.