02.11.2026

Кривогаштани тоне во долгови, населените места се соочуваат со проблеми со водата за пиење, нова патна инфраструктура не се гради, старата не се одржува

По девет години локална власт на СДС во општина Кривогаштани, граѓаните се уште со основни проблеми од секојдневниот живот, како исправна вода за пиење, функционални училишта, неодржувана инфраструктура и чиста животна средина.

Еден од најсериозните проблеми е водоснабдувањето. Голем дел од населените места се соочуваат со чести прекини, дефекти на водоводната мрежа и проблеми со исправноста на водата, додека околу 40 проценти од населението воопшто не добива вода од општинскиот водовод.

И покрај предизборното ветување на актуелниот градоначалник за носење вода од Студенчица, досега јавноста нема добиено конкретен план, временска рамка или информации за реализација на проектот, дополнително, и населените места кои се снабдуваат од овој систем во текот на летото се соочуваа со сериозни проблеми во водоснабдувањето.

Загрижувачка е и состојбата во општинските училишта, при што намалувањето на бројот на ученици, иселувањето и неповолните демографски движења создаваат дополнителен финансиски притисок врз образовните институции. Ситуацијата е до толку загрижувачка што за првпат имаме училишта со блокирани сметки, додека општината не презема доволно мерки за рационализација на трошоците и долгорочно одржливо функционирање.

Наместо сериозен пристап кон финансиското стабилизирање на училиштата, обезбедување непречено функционирање и квалитетен образовен процес за учениците, локалната власт предводена од СДС гледа само како да издејствува согласности за нови партиски вработувања.

Градоначалникот на СДС на општина Кривогаштани бара служба за итна помош, а заборава да каже дека токму неговиот партиски претседател, Венко Филипче ја укина во период кога раководеше со министерството за здравство.

Дополнително загрижува и финансиската состојба на самата општина која е со блокирана сметка и каде само тужените побарувања надминуваат 35 милиони денари, а вкупните долгови се значително повисоки. Овие состојби бараат транспарентност и одговори од градоначалникот, а граѓаните имаат право да знаат колкави се вкупните долгови, по кои основи се создадени и како општината планира да ги сервисира.

Проблемите не завршуваат тука, локалната инфраструктура, полските патишта и јавните површини бараат сериозно внимание и континуирано одржување. Владината поддршка за изградба на улици е добредојдена, но таа не може да биде замена за обврските и одговорностите на локалната самоуправа.

Особено загрижувачка е и состојбата со животната средина, горењето на депонијата кај Кривогаштани, загадувањето на почвата, водата и воздухот, како и нерешените проблеми со одводните системи и пречистителните станици, се прашања кои бараат конкретни институционални решенија, а не молк и одложување.

Локалната власт и градоначалникот треба да одговорат и за состојбата со сточниот пазар, јавната чистота, уличното осветлување и другите комунални услуги кои се во надлежност на општината.

Одговорноста на локалната власт е да ги решава проблемите на граѓаните, да управува домаќински со општинските средства и да создава услови за подобар живот, тоа го заслужуваат и жителите на општина Кривогаштани.