06.05.2023

Љутков: Граѓаните се разочарани од криминалниот проект кој го потпиша Владата со „Бехтел и Енка“

„Генерално сликата која ни ја даваат жителите на овие населени места е всушност дека имаат големи пофалби кон локалната власт со промената на градоначалниците каде веќе почнува нов ритам на живот и повторно се враќаат проектите и надежта дека сепак во Република Македонија може да има некакви промени“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Љутков при теренската активност на ВМРО-ДПМНЕ „Ова е Македонија за сите“ во Општина Петровец и Илинден.

Тој додаде дека големо е незадоволството од централната власт која ги опструира проектите на локалната власт.

„Иако градоначалникот во Општина Илинден е под притисок од централната власт затоа што не се одобруваат проектите конкретно за кои тие аплицираат и кој зависат од централната власт. Сепак Општина Илинден успева да се снајде и во оваа тешка економска криза и во енергетската криза и ги реализира сите проекти кои се зацртани во неговата програма“, кажа Љутков.

Љутков истакна дека централната власт во овие шест години ниту еднаш ги нема посетено во нивните населени места ниту ги има прашано за нивните проблеми ниту пак за некаква реализација на проекти

„Денес се разбира највеќе се разочарани граѓаните од она што се случува со криминалниот проект кој го потпиша Владата со „Бехтел и Енка“ за кој влегоа апсолутно неспремни или не сакаа да видат што точно потпишуваат за кое што Република Македонија ќе исплаќа стотици милиони евра за пенали“, потенцираше Љутков.

Тој кажа дека граѓаните единствениот спас го гледаат во предвремени парламентарни избори и решавање на овој криминален лавиринт кој го создадоа политичките партии ДУИ и СДСМ.