01.03.2023

ЈАВЕН ПОВИК ЗА ПОЛИТИЧКА АКАДЕМИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ: Лидери за иднината

Партискиот истражувачко-аналитички центар на ВМРО-ДПМНЕ „Љубиша Георгиевски“ објавува повик за учество на Првата политичка академија насловена како „Лидери за иднината“.

Главна цел на Aкадемијата е да се зајакнат лидерските знаења и вештини на политички ангажирани млади луѓе, како и да се мотивира нивното идно учество во креирањето политики кои значат напредок на Македонија.

Академијата ќе се спроведе во текот на 2023 година, преку едукативни модули и менторска програма. Првиот модул започнува на 31 март 2023 година.

Преку најмалку пет едукативни модули, учесниците ќе имаат можност да се стекнат со напредни познавања од областа на уставниот и политички систем на државата и сите нивоа на власта, локалната самоуправа и јавна администрација, економските основи на македонското општество и на идеологијата на партијата, позицијата на државата во меѓународните односи, членството во меѓународните организации и основите на Европската Унија, основи за јавен настап, однос со медиуми, деловна комуникација и однос со различни целни групи во и вон изборен циклус, како и креирање јавни политики, проектен менаџмент и иновации.

Во вториот дел на академијата, преку менторска соработка со најистакнатите политички претставници на ВМРО-ДПМНЕ, учесниците ќе ги учат вештините кои ги поседуваат ефективните и успешните лидери, ќе ги зајакнат своите преговарачки и комуникациски вештини, ќе ги развијат вештините за креирање јавни политики, но и ќе ја унапредат својата мрежа на контакти. За најдобрите и најпосветените учесници, следуваат и можности за стипендиска поддршка.

Политичката академија ќе вклучи околу 30-тина лица, членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, на возраст од 22 до 35 години. Лицата пожелно е да имаат завршено високо образование и солидно да го користат англискиот јазик.

Модулите на Политичката академија се поддржани од партнерите на ВМРО-ДПМНЕ: Фондацијата Конрад Аденауер (КАС), Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Националниот демократски институт (НДИ).

Сите заинтересирани учесници можат да го пријават својот интерес со испраќање на своја кратка биографија и писмо за интерес на [email protected] или во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на адреса плоштад ВМРО бр. 1, 1000 Скопје, најдоцна до 10 март 2023 година, со назнака „Пријава за Политичка академија“. Потенцијалните учесници ќе бидат поканети на интервју.