08.09.2022

Честитка по повод 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија

Дозволете ми во мое лично име и од името на ВМРО-ДПМНЕ да го честитам Денот на независноста 8-ми Септември.

На овој ден народот во огромно мнозинство одлучи дека сака да живее во своја независна, слободна и суверена држава.

Пред 31 година народот имаше ентузијазам, енергија и надеж. После 31 година и поминати голем број на премрежја, предизвици, падови одново се наоѓаме пред крстопат и нови предизвици.

Овој пат со многу помала надеж и ентузијазам поради лошото искуство низ годините. Имаме земја заглавена во исполнување на стратешките цели, децениско чекање за промени, отсуство на реформи, лош стандард, висок степен на корупција и уште поголема сиромаштија. Граѓаните ги делат истите страдања, истите маки.

Македонецот знае да ја препознае тежината на времињата и да го избере патот кој е правичен, сигурен и носи просперитет и иднина.

Сега повеќе од било кога се потенцирани предизвиците во форма на негација на македонскиот народ, идентитет, јазик, историја и култура.
На Македонија и треба нов 8-ми Септември, нова надеж, национално и сеопштествено обединување околу заложбата за подобра иднина и зачуван идентитет.

Како што на 8-ми Септември победи мислата за независна, суверена и самостојна Македонија, така и на претстојниот референдум ќе победи Македонија.

Овој референдум ќе ја зацврсти Македонија и сите ние заедно ќе докажеме дека сме достојни на нашите предци и способни да им ја оставите државата просперитетна на нашите деца. Затоа е многу важно сите без разлика на националност, религија и политичка партија да се обединиме и исто како на 8-ми Септември 1991 година.

Јас сум цврсто уверен дека македонскиот народ, заедно со Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите останати има и сила и мудрост да го помине и ова премрежје пред кое се наоѓаме.

Нека ни е за многу години независноста.
Да живее Република Македонија.

Со почит,
Проф. д-р Христијан Мицкоски
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ