„Народот доживува една огромна криза. Земјава е рекордер по инфлација и рекордер по индексот на мизерија. Како да се платат сметките, шоковите со цените по продавниците, маките со бизнисите, и тешките деловни односи се работите што го мачат нашето општество. На сметка на ова, Владата зборува за висока политика, симнува ѕвезди од небото, вергла како на расипана лента исти фрази, исти зборови за некаква иднина што не доаѓа. Најголемиот оцрнувач на евроинтегративните процеси е Владата и најголемиот непријател на имиџот на прозападните партнери е токму Владата која во состојба на отсуство на реформи за кои треба часови и часови работа, ги заменува со понизност и лесна рака за потпишување на сè и сешто што ќе побараат од неа, нема апетит на држава околу нас кој не го задоволија на штета на нашите национални интереси, додека потоа имаат полна уста за ЕУ правејќи криминал и криејќи белосветски пробисвети кои се на црните листи на западните земји. А, пак оние слуги притиснати до ѕид, зборувам за слугите на власта, кои мора нешто да одработат за да добијат од власта ќе фрлат по некоја димна бомба кон опозицијата колку да направат дефокус од овие вистински теми важни за народот. Многу е тешко кога гледам дека главната борба на младите во Македонија, главниот протест е за оброк кој Владата им го зема од уста додека младите во Берлин, Лондон, Париз протестираат за широки општествени теми, за повеќе права, повеќе слобода за своите врсници од Блискиот Исток или за повеќе технолошки развој, за повеќе иновации. Нашата влада им го одзема и така сиромашниот оброк кој видовме дека е сочинет од јајце и зденка, додека младите врсници од Берлин, Лондон, Париз се борат за технолошки развој и ќе повторам иновации“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски на годинешната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека му е мачно кога гледа како функционери од власта се ухлебени паразити кои живеат од потта на чесниот народ и земаат илјадници евра плата, не работат ништо, а ги уживаат сите придобивки од државата.
„Мачно е кога гледам како функционери од власта се ухлебени паразити кои живеат од потта на чесниот народ и земаат илјадници евра плата, не работат ништо, а ги уживаат сите придобивки од државата. Нивните имиња не се ни знаат, но тие ги држат паразитски функциите на десетиците институции од кои дебело се платени, додека тутунарите немаат откуп, додека оризарите протестираат, додека студентите се гладни. Функционери од власта криеле имоти, луѓе од власта земаат месечна плата за која народот работи по цела година. Затоа ви ветувам и на паразитите и на тајните имоти мора да дојде крај, и во првите месеци по преземањето на власта ќе ги испитаме сите овие скриени имоти и ќе бараме потекло за истите. А, оние тајни имоти нечесно стекнати во годините на криминал, истите ќе бидат одземени и парите ќе бидат вратени во буџетот, а од буџетот за народот. Тоа е она за кое што ВМРО-ДПМНЕ се залага и тоа е онаа политика за која што ВМРО-ДПМНЕ се бори“, нагласи Мицкоски.