Брутална двојна ликвидација се случи во полн локал, на 500 метри од владата и плоштад Македонија, на 300 метри од полициска станица. Македонија и Скопје со Оливер Спасовски се претворија во небезбедно место каде што убијци си дозволуваат вооружени до заби да дојдат и убиваат, а СДС со Спасовски МВР го претворија во мафијашка подружница за издавање пасоши, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарско прашање во врска со двојното убиство во скопската чаршија.
Тој посочи дека осма година убијци, дилери и насилници излегуваат од затвор кога сакаат.
„Цела година мина со секојдневни закани за терористички бомбашки напади во училишта, трговски центри и институции. Ниту еден случај не е решен со вистински одговори. И никој не одговара, никој не понесе одговорност за небезбедноста во Македонија, особено не Оливер Спасовски. Спасовски ја претвори државата во мафијашки рај, каде царува криминалот, а полицијата се удира во пајаци“, рече Стоилковски.
Стоилковски укажа дека полициските единици му служат на Спасовски само за заштита на СДС од народот.
„Ова е опасно, срамно, жално, а народот тоа не го заслужил! Спасовски, оди си“, заклучи Стоилковски.