04.01.2023

СДС ветуваа дека ќе го намалат загадувањето на воздухот, ДУИ станаа зелени преку ноќ, ниту едните ниту другите успеаја, затоа промени веднаш

СДС дојде на власт со ветувањата за чист воздух, 7 години потоа ништо не е променето. 4 години додека ја имаа локалната власт не презема ништо од заклучоците кои нивните пратеници ги усвоија, а 7 години како се на централна власт еден проект или поголема мерка од национален карактер за борба против загадувањето немаат спроведено.

Загадувањето на воздухот е национален проблем, и за ефикасно намалување на загаденоста потребни се национални мерки и проекти кои значајно ќе влијаат на намалувањето на емисијата на штетни гасови.

Освен заклучоци и препораки на комисии СДС и ДУИ ништо немаат преземено. Имено на 27 ноември и 25 декември 2018 година, Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија одржа Јавна расправа на тема: „Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“, меѓу големиот број заклучоци донесени се и следните:

–       Да се забрза процесот на гасификација на територија на Република Македонија и подготовка за изградба на секундарна гасификациона инфраструктурна мрежа.

–       Да се воведат субвенции за приклучување на греење кон гасификација како и субвенции за приклучување кон парно греење за граѓаните;

5 години откако е донесена препораката се уште нема гас до градовите низ Македонија, надвор од Скопје, каде има топловодна мрежа која е стара неколку децении. На ова поле владата нема мрднато со прст.

–       Градот Скопје и сите останати општини, да ги зголемат зелените површини во градските подрачја, при изработка на деталните урбанистички планови, да се води сметка за зелените површини и да се спречи нивната пренамена во градежни парцели.

4 години додека СДС управуваше со поголемиот број на општини бетонизацијата беше на прво место, а животната средина на крај на листата приоритети.

–       Се препорачува Министерството за економија, да обезбеди средства за субвенционирање на домаќинствата кои ќе користат обновливи извори на енергија.

Оваа препорака не беше преточена во мерка, а всушност треба да биде начин на делување.

–       Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, до Собранието на Република Македонија да достават предлог законски измени на законите од областа на животната средина кои ќе бидат во насока на намалување на загаденоста на воздухот; 

Владата нема преземено ништо конкретно во насока на нови законски решенија и нивна имплементација.

Наједноставно кажано СДС и ДУИ, кои последно се промовираа и како зелени, само декларативно на хартија носат стратегии и планови, но немаат никаква реализација.

Скопје и остатокот од државата тоне во загаден воздух, и главна вина за тоа има Владата на СДС и ДУИ. Општините имаат ограничени овластувања и можности, а дури и тие кои ги имаат не беа спроведувани од страна на градоначалниците на СДС и ДУИ изминативе 4 години.

И СДС и ДУИ дојдоа на власт со лаги дека ќе се борат против загадувањето и ќе го намалат истото. 7 години немаат направено ништо, затоа потребни се промени и нова Влада на ВМРО-ДПМНЕ која ќе ги решава проблемите и ќе се бори за подобра иднина на секое поле.