15.06.2023

Сарамандов: Гевгелија ќе добие нов модерен парк на површина од 6.000 м2, фестивалот „Калинка“ се возобнови, а буџетот за култура оваа година изнесува 3 милиони и 600 илјади денари

„Вчера и официјално заврши детскиот музички фестивал „Калинка“ со настапи и дружење на родителите и децата. Во изминатиот период значи имавме една убава еуфорија со одржувањето на овој фестивал. Пред 30-тина години детскиот музички фестивал „Калинка“ беше еден од реномираните фестивали заедно со „Златно славејче“ во Скопје и детскиот музички фестивал „Си-до“ во Битола. Низ годините пораснаа многу генерации со „Калинка“ и остави траен белег во Гевгелија. И затоа сметавме дека е неопходно да се возобнови овој фестивал“, истакна Андон Сарамандов, градоначалник на општина Гевгелија во воведниот разговор од трибината организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Борба против корупцијата и криминалот“ од акцијата „Ова е Македонија за сите“.

Сарамандов додаде дека во 2022 година Буџетот за култура беше милион и 600 илјади денари за да во оваа 2023-та година Буџетот за култура е проектиран на 3 милиони и 600 илјади денари. Гевгелија има богата културна историја и обврска на него како градоначалник е да се негуваат културните вредности.

„Годинава значително ги зголемивме финансиските поддршки за сите ентузијасти, за здруженија кои што организираат културни настани на целата територија на нашата општина“, нагласи градоначалникот.

Тој посочи дека  од оваа година, од месец септември ќе се започне со една нова традиција, предвидено е да се направи Фестивал на храната и виното, кој ќе трае три дена.

„Гевгелија бил значаен спортски центра и ќе биде и во иднина со помош на локалната самоуправа и тука во континуитет ја зголемуваме финансиската и логистичката поддршка за спортот, спортските клубови и за спортските работници, а и исто така за здруженијата кои организираат спортски настани“, рече тој.

Сарамандов се осврна и на инфраструктурата во Гевгелија и истакна дека најголем проект кој започна минатата година 2022 во март месец и кој што се реализира е поставувањето на атмосферската канализација во градот во должина од 6.500 метри некаде околу една третина од градот. И овој проект веќе влегува во финална завршница значи реализиран се околу 95% од изведбените работи.

„Поставувањето на атмосферската канализација беше еден тежок процес и го наруши сообраќајниот режим во градот, но моравме да ги почитуваме правилата на градежништвото, тие ја одредуваат динамиката на работата затоа што наша крајна цел е со реализација на овој проект да добиеме квалитетен проект по сите стандарди. И кој во иднина ќе биде од голем бенефит за сите граѓани“, заклучи Сарамандов.

Градоначалникот укажа дека сега ќе се започне со два проекти, со реализација во делот на комуналната инфраструктура, едниот проект е во областа наречена „Касарна“ и ќе има изградба на краците 1 и 2, 5, 6 и 7, за поставување на фекална канализација. А, вториот проект е поставување на фекална канализација на дел од улицата „7-ми Ноември“ во блок 1, во централното градско подрачје.

„За наредниот период имаме утврдено уште два проекти од комуналната инфраструктура кои се приоритетни и за кои веќе имаме изработено основен проект и имаме одобрение, а во моментов работиме и на тоа да обезбедиме финансиски средства. Едниот проект е поставување на атмосферска и фекална канализација, нови водоводни линии во блок 4, тоа е делот од градот позади градинката „Сончогледи“. А, вториот проект за кој што имаме основен проект со одобрение и сакаме да го реализираме е канализационата мрежа во населеното место Милетково“, рече тој.

Сарамандов нагласи дека од пред некој ден се започна со изградба на нов модерен парк во Гевгелија. Тој ќе се протега на површина од 6.000 м2 и се предвидени повеќе содржини како пешачки патеки, место за одмор, модерно осветлување итн.