25.11.2023

Рејтингот на СДС, Ковачевски и Пендаровски во пакет е како во вицот за модел на Нокиа, секој месец се помал и помал

Рејтингот на СДС, Ковачевски и Пендаровски во пакет е како вицот своевремено за модел на Нокиа, секој месец се помал и помал. Граѓаните ја изгубија довербата во оваа владина гарнитура, затоа што ветуваа правда, а донесоа неправда, затоа што ветуваа борба против криминал и корупција, а всушност тие го организираат и спроведуваат криминалот во Македонија, ветуваа живот, а донесоа ужас, ветуваа стапки на економски раст од 5-6%, а сега сме на дното на регионот и Европа, ветуваа повисок стандард, а донесоа највисока инфлација, ветуваа инвестиции на фејсбук, гугл, фолсксваген, а не можеме ни со Косово да се мериме според странските инвестиции кои се привлечени. Со еден збор, катастрофа.

Оваа власт на СДС и Ковачевски колку порано замине толку подобро за граѓаните, толку подобро за Македонија, а на крајот на краиштата, што е најмалку важно, подобро и за СДС кои ќе спасат барем малку од рејтингот кој им се топи како коцка мраз во печка. Знаеме дека на Ковачевски и неговата камарила на власт им е тешко да се помират дека ќе изгубат, бидејќи така ќе ги изгубат привилегиите да си делат милионски тендери, земјишта по багателни цени, да ги полнат со пари фирмите на нивните блиски и на нивните партиски донатори, да трошат народни пари за лумпувања, патувања и луксузирања и згора на се ќе има одговорност.

Народот врие. Народот е потонат во сиромаштија. Протестираат земјоделци, пензионери, административни работници, здравствени работници, нема учебници во училиштата, нема лекови во аптеките, нема здравствен систем, нема судски систем, нема безбедносен систем. Единствено што совршено функционира е криминалот под капата на владејачките партии.

Изборите се решението. Изборите ќе донесат промени, изборите ќе донесат одговорност и казна за оваа неспособна и криминална власт на ДУИ и СДС.