Со многу работа и добро планирање Општина Радовиш успеа да има релативно успешна година со високи оцени и покрај светската економска и енергетска криза за Општина Радовиш. Ова го изјави градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов на регионалната средба на градоначалниците од Југоисточниот регион од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.- Успеавме да имаме степен на реализација на буџетот на Општина Радовиш за 2022 година од над 80 проценти, што ни дава право со новата поставеност на буџетирањето и користењето на ДДВ како поврат, или повратот од 2 % кои се добиваат за успешност во реализацијата на сопствениот буџет. Општина Радовиш и покрај сите предизвици успеа да влезе во таа категорија на општини кои имаат реализација на буџет од над 70 проценти, како и наплата на општинските даноци од над 80 проценти, па оттаму можеме да кажеме дека изминатава година, и покрај сите предизвици, за нашата општина е релативно успешна – кажа градоначалникот Ристов. За наредната 2023 година, Ристов изјави дека во изработката на буџетот се вклучени сите заинтересирани страни и граѓаните, направени се посети на сите урбани и месни заедници, а изминативе два викенди реализирани се и отворени денови во рамки на акцијата „Биди дел од промените што носат иднина” каде граѓаните ги даваа свои предлози. Тој потенцираше дека покрај сопствените средства, во 2023 година Општина Радовиш ќе аплицира на многу проекти и апликации со цел реализација на проекти со дополнителни форми на финансирање.- За наредната година предвидуваме реализација на проект во висина од еден милион евра од Европската унија за поддршка на проекти од енергетска ефикасност, а најверојатно ќе го почнеме и капиталниот проект „Градски пазар“. Во меѓувреме имаме повеќе апликации, деновиве не известија дека добивме грант од Швајцарската амбасада во висина од 300.000 евра за изградба на фотоволтаични централи, кои ќе ги користиме за намалување на јавната потрошувачка на уличното осветлување, греење и друго – додаде Ристов.Градоначалникот Ристов изјави дека се работи за носење на нов Законот за концесии каде нацртот е веќе одобрен од министерството за животна средина, а со истиот се предвидува компромисно решение каде концесискиот надомест ќе се дели по 50 проценти за општината каде што се произведува рудата и 50 проценти за општината каде истата се копа.Регионалната средба беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.