28.02.2023

Пратенички од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до министерката Тренчевска: Ниту една пратеничка од опозицијата не е поканета како панелистка на конференцијата “Жени во политиката, говор на омраза, сенка која обесхрабрува“

Почитувани,

Ја пишуваме оваа реакција после добиената покана од страна на Наташа Димеска – шефица на кабинет, а во организација на Министерката Јованка Тренчевска.

Конференцијата со наслов: “Жени во политика-говор на омраза, сенка која обесхрабрува”, која ќе се одржи на 1ви март во хотел Хилтон.

Реакцијата ја испраќаме заради неколку причини:
– загрижени сме и револтирани затоа што во програмата на самата конференција, во ниту еден модул, ниту една пратеничка од опозицијата не е поканета како панелистка или говорничка.
– тоа, за жал, јасно упатува на заклучокот дека организаторите не сакаат ни да слушнат, а камоли да прифатат поинакво мислење од нивното!
– воедно ве информираме дека ние не можеме да присуствуваме на настан или дебата за која никој не нѐ консултирал и не нѐ прашал дали имаме што да кажеме, предложиме…туку некој го составил списокот на говорнички по сопствено мислење.

Ако се бориме за еднаква застапеност, рамноправност и недискриминација…мора така и да се однесуваме!

Женската борба е заедничка цел на сите жени во општеството, не е ексклузивитет на никого.

Да се слушне гласот на опозицијата е европска вредност и додадена вредност во борбата за женските права!

Очекуваме поголема транспарентност и широчина од Министерката Јованка Тренчевска, која е воедно и Претседателка на Форумот на жени во СДСМ.

Со почит,
Пратенички од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.