16.11.2022

Помина повеќе од една година мандат на Арсовска во Град Скопје, не видовме отчет за сработеното- до каде се проектите од програмата “За модерно Скопје“?

Помина повеќе од една година од мандатот на Данела Арсовска како градоначалник на Град Скопје, а граѓание не видоа ни отчет ни слушнаа објаснување за сработеното во тој период.

Граѓаните на Скопје кои ја дадоа својата поддршка на изборите сакаат да видат на четвртина од мандатот што сработила Арсовска и дали отпочнала реализција на нејзината програма “За модерно Скопје“. Арсовска ветуваше почист воздух, нови сообраќајници, 5 булевари, кружни текови, паркови, активности за изградба на жичарница од Скопје до Средно Водно, почести и продолжени линии на јавен превоз и многу други проекти кои треба да го модернизираат Скопје. Сето тоа се очекува и да го реализира, а во првата година барем да има некаков почеток на реализација.

Градоначалниците на СДС не дадоа отчет за тоа што (не) сработиле во оваа една година. Молчат тие, но молчи и Данела Арсовска. Ја повикуваме градоначалничката на Скопје да излезе и да каже што направила, што почнала, што испланирала. Народот ја плаќа за тоа. Во духот на транспарентноста и отчетноста кои постојано ги споменува, ред е народот да знае каде завршуваат парите на Град Скопје.