Самиот факт што СДС фамозните наводи ги презентираат во прашална форма говори дека се свесни дека лажат и ловат во матно. Жално е да се гледа како СДС панично се обидуваат да го заштитат Пајазит Пајазити, кој е единствено одговорен зошто сега Блерим Рамадани е на слобода. Да изречеше Пајазити затворски притвор, сега Рамадани ќе беше во Шутка, рече пратеникот Бране Петрушевски, од ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање во врска со случајот Рамадани.
Според Петрушевски покрај спасот на Пајазити, СДС сакаат да прикријат огромен скандал за кој се виновни тие.
„А тоа е фактот дека двајцата избегани од затвор приведени за убиството кај Мавровка се избегани во нивно време. Е.К. првиот од приведените е избеган од Идризово на 15.04.2024 година, а А.К. вториот од приведените е избеган од Шутка на 22.07.2024 година, два дена пред смената на директорот на оваа установа“, вели Петрушевски.
Петрушевски праша „дали се ова беше планирано во СДС и дали намерно пуштиле од затвор да избегаат лицата кои сега се приведени за убиство?“
„СДС сака да создаде хаос, но тоа не поминува. Институциите постапуваат експресно и одговорност ќе има за секој еден“, заклучи Петрушевски.