Најавениот обвинителен акт за трагедијата со модуларната болница е нецелосен и не ги опфаќа вистинските виновници, туку лица кои се далеку подолу на прирамидата на одговорноста. Тоа само покажува дека и случајот со модуларната болница, исто како и со трагедијата со Дурмо Турс и Беса Травел се водат без да се најде вистинскиот системски причинител, поради кои десетици животи беа предвреме згаснати.
Обвинителниот акт не ги дава одговорите која е улогата на министерството за здравство во изградбата на овие објекти, како од надлежните инспекции тие добиле дозвола да работат, која е одговоноста за материјалите од кои беше изграден објектот и редица на други фактори кои доведоа до трагедијата.
Семејствата на настраданите во вакви случај, со вакво судство и обвинителство нема да ги добијат вистинските одговори, како и поради што настрадаа нивните најблиски. Нивната болка нема утеха, но уште поболно е што во Македонија се создава систем на неказнивост во која наместо по коњот се удира по самарот. Затоа за жал системот на неказнивост создава нови и нови трагедии. Тоа мора да престане. Вистинските виновници мора да одговараат и во случајот со тетовската модуларна болница и во секој друг случај, затоа што само така може да се изгради владеење на правото и правна држава.