17.06.2023

Нелоска: Долгот во Ѓорче Петров е значително намален, а паралелно реализираме проекти, нова градинка во Волково, реконструирани се 30 улици

Ленче Нелоска, претседател на Советот на Општина Ѓорче Петров на вечерашната трибина по повод 33 години од партијата сумираше што е направено во општината.

„Долгот беше огромен за општина како Ѓорче Петров и со задоволство можам да кажам дека е значително намален, но не на сметка на реализирање на проекти“, рече Нелоска. 

Нелоска информираше и што се е направено во општината во овој период.

„Изградена е градинка во Волково и се зголеми капацитетот за 200 деца на место каде никогаш немало градинки. Во другите градинки го зголемивме капацитетот за упис за 100 нови деца. И состојбата многу е подобрена. Реновиравме и две основни училишта кои беа комплетно запоставени. Кучково немаше вода за пиење, а сега денес е туристички центар. Набрзо ќе биде познато и по друга причина ќе го направиме тука првиот регионален центар за деца излечени од малигни болести“, рече Нелоска.

Нелоска посочи  дека во општината се уште има основни нерешени урбанистички проблеми и оти се реконструирани 30 улици, а санирани се  проблеми на фекалната и комунална мрежа. Таа посочи дека Ново село од километарската депонија прераснува во зелена оаза.

Нелоска укажа дека општината го поддржува и спортот, клубовите, како и  индивидуални спортисти.

„Општината работи чесно и домаќински, тоа го заслужуваат граѓаните. Ова што го кажав е само дел, работиме отежнато игнорирани од централната власт.  А токму централната власт државата ја прави дувло на криминалот и само прави кражба на народни пари“, заклучи Нелоска.