20.01.2023

Муцунски: Од сите последни анкети општа констатација е дека на Македонија и се потребни избори, а овој пулс на граѓаните го чувствуваат и пратениците од мнозинството

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во неговото гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат, говорејќи за политичката состојба во земјава истакна дека по сите мерења на јавното мислење во последниов период, општа конистатација е дека граѓаните посакуваат промена на власта и дека на Македонија и се потребни избори.
„Тоа што можеме да го констатираме како ноторен факт е дека по сите анкети на јавно мислење кои што се појавија во последниов период, независно кој беше нарачател на истите, општа констатација е дека Македонија се движи во погрешна насока, дека граѓаните посакуваат промена на власта и дека е потребно Македонија да има избори по кои што ќе почне да се движи, се надеваме во правилна насока со формирање на нова влада“, истакна Муцунски.
Тој додаде ваквото расположение кај граѓаните го чувствуваат и дел од пратениците од постоечкото парламентарно мнозинство кои сериозно размислуваат за нивните позиции во рамките на истото.
„Таквите инормации и таквиот пулс на граѓаните верувам дека го чувствуваат и дел од пратениците кои што се дел од парламентарното мнозинство и да има одредени информации коишто пристигнуваат до нас дека одредени пратеници, дел токму од тоа постоечко парламентарно мнозинство размислуваат сериозно за своите позиции во рамките на функционирањето на истото“, потенцираше Муцунски и додаде:
„Јас тоа што можам да го констатирам по претходната пракса е дека при постоење на неколку вакви пратеници, верувам дека притисоците се огромни. Тешко е да се предвиди тие луѓе како ќе постапуваат, но тоа што исто така можеме да го констатираме е дека веќе има повеќе јавни изјави и во рамките на ДУИ и во рамките на пратеничката група на СДСМ кои што упатуваат дека во тие партии постојат сериозни проблеми, сериозни несогласувања и сериозно различни размислувања по однос на начинот на којшто оваа постоечка влада ја движи Република Македонија“.