08.04.2024

Мицкоски: Kоалицијата „Твоја Македонија“ ќе работи на создавање на подобра иднина и шанса за успех на сите граѓани во Македонија – Ромите биле, се и ќе останат значаен чинител на македонското мултикултурно општество

„Најпрво дозволете ми во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите Роми, граѓани на Република Македонија да ви го честитам Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на настан организиран по повод Меѓународниот ден на Ромите.

Мицкоски додаде дека Ромите биле, се и ќе останат значаен чинител на македонското мултикултурно општество и нивната културна, јазична и идентитетска посебност се дел од македонската ризница на различности, ризница по која Македонија е ценета и вреднувана во Европа и Светот.

„Македонија никогаш не била, ниту ќе биде држава во која некој бил принудуван на асимилација, туку напротив секогаш била светол пример на уважување на посебноста и етничката различност на секој нејзин граѓанин. Впрочем Македонија е можеби единствената земја во поширокото опкружување каде што мнозинство сочинуваат Ромите, а ромскиот јазик е службен јазик заедно со македонскиот. Ромите на Македонија и вратиле со огромен придонес во музиката, културата, спортот и политичкиот живот и за тоа и јас и секој граѓанин кој ја сака нашата татковина Македонија е неизмерно благодарен“, појасни тој. 

Мицкоски посочи дека за жал Ромите долго време во Македонија, како и голем дел од другите граѓани, се соочуваат со сериозни егзистенцијални проблеми, сиромаштија и безнадежност. Огромен број се погодени од екстремна сиромаштија а неколкукратно повеќе живеат на работ на сиромаштијата до 2 до 3 евра на ден. И овој живот е подеднаков за сите граѓани. 

„Тоа мораме да го признаеме е недозволиво. И за сето тоа власта не сака да чуе, туку напротив со своите розови очила насила ни наметнува нешто кое што никој од нас не може да го види. Власта на СДС и ДУИ како да не живеат со нас тука во Македонија, тие не сакаат да видат дека имаме една од највисоките стапки на инфлација која го разјадува животниот стандард, како да не сакаат да видат дека веќе немаме здравствен и образовен систем, не сакаат да видат дека масовно се празни Македонија и секој ден автобуси со Роми, Македонци, Албанци и сите останати заминуваат во странство“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние како ВМРО-ДПМНЕ ветуваме реформи. Тие реформи ќе ја кренат оваа држава и ќе овозможат напредок и опстанување на младите и на сите останати тука во Македонија. Предвидуваме многу работа и поддршка за сите оние проекти кои ќе го подобруваат животот на граѓаните. За еден мандат се предвидуваат стотици и стотици милиони евра како директна поддршка за сите општини кои ќе изготват проекти за подобар живот на своите граѓани. Да, средства кои ќе ги добијат и Шуто Оризари и Струмица, и Штип и Битола, и Тетово и Кичево и Охрид и Велес и било кое друго место. Во исто време ветуваме силна борба против корупцијата и многу силна контрола на секој народен денар како се троши“, порача тој на денешниот настан. 

Мицкоски укажа дека сега е шансата и времето да се создаде иднина и вредности за сите граѓани. Овој пат не се гласа само за политичка партија, туку за себе и своите семејства. Клучот е во масовноста. 

„Заедно со партијата Демократски Сили на Ромите и останатите партии од коалицијата „Твоја Македонија“ работиме да создадеме подобра иднина. Народот ќе биде нашиот најсилен столб и нашиот најдобар контролор како треба да работиме. Ние од ВМРО-ДПМНЕ не нудиме програми кои се однесуваат само на една категорија на луѓе или се моноетнички во својата програма, туку имаме понуда која ги опфаќа сите и која на сите ќе им нуди шанса за успех и напредок. Мене ќе ме радува да видам успех кај мојот сограѓанин Ром, затоа што неговиот напредок е напредок за сите нас. Неговиот успех е инспирација уште десетици други да успеат. Тоа е силата која сакам да ја видам. Таа сила ќе изнедри општество на успешни луѓе. Тие успешни луѓе ќе ја покренат Македонија од пепелта во која сега се наоѓа“, рече Мицкоски.