10.12.2022

Мицкоски: Штип е првата општина на Балканот што издаде општинска обврзница, но Владата ја тргна од дневниот ред, за жал таква судбина ги чека и другите општини

„Општина Штип ги помина сите процедури и пред Македонската берза, и пред  Комисијата за хартии од вредност, и пред министерството за финансии, се помина. И пред Советот, се изгласа, се сѐ изгласа. Првата општинска обврзница во Македонија што некогаш некој ја издал, на Балканот мислам дека е прва. И тоа дојде на Влада и ја тргнаа од дневен ред. Зошто? Затоа што во Штип, Иван Јорданов победи во прв круг, го декласираше фаворитот и толку фалениот кандидат на СДСМ уште во прв круг. Направи проекти, и во услови на енергетска и економска криза, притисокот од Владата итн. успева да обезбеди финансиски средства за да ги реализира тие проекти за Штип и штипјани. И тогаш доаѓа пред Влада и владата вика тргнете ја таа обврзница“, појасни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски денес од Аеродром појаснувајќи зошто Владата ја тргна обврзницата на Штип од дневен ред.

Мицкоски додаде дека истата судбина ја делат и другите две општини, имено истото се случува на општина Радовиш и општина Гевгелија.

„Истото тоа се случува и со други две општини, општина Радовиш и општина Гевгелија. Истото тоа ќе се случува и со општина Аеродром и со останатите неколку Бутел, Гази Баба, Прилеп, Битола итн.“, рече Мицкоски.

„Јас од оваа Влада не очекувам ништо. Ако некој има било каква надеж верувајте дека таа надеж нема да постои за многу кратко време. Затоа што едноставно имаме работа со многу злоба, со многу инает, и многу самобендисаност. Не им се интересите на граѓаните и на општините приоритет, туку личните интереси и богатењето на грбот на граѓаните. Затоа ќе бидат граѓаните ускратувани се до моментот додека немаме предвремени избори, додека не падне оваа Влада, додека не дојдат други луѓе кои што покосмополитски ќе ги гледаат работите и ќе пристапуваат кон истите“, укажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е од граѓаните и работи за граѓаните.

„Видовте ли вие некоја општина која што има градоначалник од редовите на владината коалиција и да речеме еве општина Чаир, општина Сарај, општина Центар, општина Струмица, општина Пробиштип да има отворени денови и да даде отчет. Дали некој виде? Дали некој знае што ќе се прави? Каде ќе се трошат парите на граѓаните“, запраша Мицкоски.