17.06.2023

Мицкоски: Разни дипломати велат зошто не попуштите на барањата на Бугарија, јас велам дојдете господа во Македонија  да видите кои се нашите борби и кои се нашите страдања

Од власта не уверуваат дека било европски да ги менуваме нашите традиции и нашите верувања. А знаете дека е многу мала вредноста на зачувување на нашата нација, ако нашите традиции не ги сочуваме со неа, ако не го заштитиме нашиот јазик, култура и она што сме и по што се разликуваме, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашното обраќање по повод 33 години од партијата. 

„Ако некој намерно или не намерно не умее да препознае јасен знак на присутна опасност, тогаш јас можам само да кажам дека опасноста никогаш не била појасна и нејзината присутност никогаш не била по видлива. Потребна е промена во погледите, промена во тактиката како држава, промена во мисиите од страна на владата, на народот, од страна на секој лидер и поединец. Затоа што ние денес се соочуваме со акција за бесчувствително декомпонирање на македонскиот национален идентитет, кој се потпира врз мотивот за ширење на своите лукративни сфери на личното влијание на власта за сметка на колективниот интерес, на инфилтрација на личен интереси , наместо инвазија на знаење, на субверзија и одолговлекување, наместо на избори на заплашување, наместо на слободен избор, на поклонување и наведнување на глава наместо на кажување на аргументи, на простодушност наместо разум“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи „има луѓе со кои сум се сретнал, разни дипломати, претставници на странски земји кои велат зошто не попуштите пред барањата на Бугарија“.

“Дојдете да видите кои се нашите борби и кои се нашите страдања. Да ја разберете нашата историја и да го чуете народот што мисли и како лелека.

Има и такви кои велат дека ниту една земја не се изгубила на патот кон интеграцијата. Дојдете господа во Македонија! Дојдете да видите дека ниту една друга држава не го отстапила својот идентитет, јазик и име како што тоа го направи оваа држава“, рече Мицкоски.

Има и неколкумина од Европа кои велат интеграцијата е најважното прашање, рече Мицкоски и додаде „се согласувам дека е важно, но дојдете во Македонија да видите дека половина милион живеат во сиромаштија, повеќе од 30 илјади живеат во екстремна сиромаштија, со инфлација каква што нема никаде во Европа, заглавени во чекалницата пред истата таа Европа“.

„Ова е реалниот живот“, заклучи Мицкоски.